Нов повик за субвенции за печки на пелети

Град Скопје ќе објави уште еден јавен повик до граѓаните за субвенционирање на купени печки на пелети. Градот се одлучи на оваа постапка откако на првиот повик од предвидените 10 милиони денари за набавената печка, непотрошени останаа нешто помалку од четири милиони денари.

- Според прелиминарните пресметки за прифатените апликации од предвидените средства од буџететот во овој јавен повик, не се искористени нешто помалку од 4 милиони денари, од предвидените 10 милиони, и се планира распишување на нов јавен повик за субвенционирање на граѓаните за купување печки на пелети, за што јавноста ќе биде благовремено информирана, велат од Град Скопје.

Исплатата пак на субвенциите на граѓаните кои конкуририраа на првиот јавен повик за печка на пелети започна од шести месецов. Исплатата се одвива сукцесивно и се уште трае.

Пријатно сум изненадена од брзината на реализацијата на целокупната постапка. Откако купивме печка и ја инсталиравме комисијата на Град Скопје за два дена дојде и направи увид на терен. По нивното доѓање негде за две три недели ми стигнаа и парите на сметка, поточно на седми април. Бидејќи имавме студена пролет печката веднаш почнавме да ја користиме и сме многу задоволни од тоа како го затоплува нашиот дом, вели една жителка на Кисела Вода која доби субвенции.

Оваа година Град Скопје, започнувајќи од 27 февруари, со цел да ги стимулира жителите на Град Скопје (домаќинствата) за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, го распиша јавниот повик за поврат на средства на жителите кои ќе купат печки на пелети.

Јавниот повик траеше до 13 март годинава и се реализираше по принципот "прв дојден прв услужен".

Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на град Скопје (домаќинствата) во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на јавниот повик до истекот на 15 дена од денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок. На јавниот повик немаа право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.

Повратот на средствата е во висина од 70 проценти од износот на набавената печка, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

На првиот јавен повек беа понудени 330 субвенции на пелети во износ од 10 милиони денари. На адреса на крајниот рок 13 март, пак пристигнаа 290 барања. За прв пат пак овие субвенции беа воведени лани кога на располагање беа 5,8 милиони денари, а на крајот беа прифатени 196 барања на граѓани.