Нов пех за МЗТ: Младеновски му го скрши носот на Лалиќ

Македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје никако не може да крене глава од проблеми со повредени играчи со тоа што сега на листата на неактивни е искусниот центар Јуре Лалиќ.

Имено Лалиќ се здоби со скршеница на носот при еден дуел со Љубомир Младеновски на тренингот на „металците“ и според информациите ќе биде најмалку десетина дена надвор од тренажниот процес.

Тој имаше оперативен зафат кој мина како што треба, ама ќе биде во аут за два дуели од АБА-лигата, дома против Цедевита (2 јануари) и на гости кај Цибона (8 јануари). Покрај Лалиќ мечот со Цедевита ќе го пропуштат Даниел Кларк и Стојан Ѓуроски, но позитивно е што во екипата се враќаат македонскиот репрезентативец Марко Симоновски и Американецот Ксавиер Темс.