Нов мега проект: „Купи куќа за млади“ - два модела за субвенционирање

Со цел обезбедување поддршка за нова куќа на лица до 35 години без оглед на брачниот статус, како и за зголемување на наталитетот, Владата го промовираше новиот проект „Купи куќа за млади“.

Два модела за субвенционирање

Со првиот модел, за кредит до 20 години и максимален износ до 50 илјади евра државата ќе ја субвенционира месечната рата 11 години, во првите осум години 80 проценти од нејзиниот износ, а во останатите три години 50 проценти. Со вториот модел целосно се субвенционира учеството за кредитот зависно од износот што ќе биде земен.

Младите ќе имаат заштеда до 33 илјади евра

Прв модел

Пример:
кредит 50 000 евра – субвенција до 30 000 евра
кредит 40 000 евра – субвенција до 28 000 евра
кредит 30 000 евра – субвенција до 20 000 евра

Корисниците на проектот може да земат кредит и повисок од 50 илјади евра, но субвенцијата ќе го опфати делот на кредитот до овој износ. Апроксимативните проценки покажуваат дека за кредит од 50.000 евра корисниците ќе добијат субвенција до 30 илјади евра, до 40 илјади евра субвенцијата е 28 илјади евра, а за 30 илјади евра кредит поддршката ќе изнесува 20 илјади евра, рече Груевски. Каматните стапки остануваат исти како и досега, 3,95 отсто во првите три години, а 4,44 проценти во четвртата и петтата година, по што каматата ја одредува банката, но не смее да биде повисока од каматните стапки за останатите кредити за стан или куќа.

Втор модел “ учество“

Пример
Кредит 50 000 евра – 12 500 евра субвенционирано учество
Кредит 40 000 евра – 10 000 евра субвенционирано учество
Кредит 30 000 евра – 7 500 евра субвенционирано учество

Младите што ќе го одберат, пак, моделот наречен „учество“ ќе добијат 100 процентна субвенција на учеството за кредитот, односно максимум до 12.500 евра ако го користат максималниот износ за субвенционирање кредит до 50.000 евра. Позитивно во овој модел е што каматната стапка е фиксна цело време при отплатата на кредитот и ќе изнесува 4,5 проценти плус месечен еуролиборт. За кредит, пак, до 40 илјади евра Владата на корисникот ќе му исплати 10 илјади евра за учество, а за 30 илјади евра субвенционираното учество ќе изнесува 7.500 евра.

Колку ќе изнесува месечната рата?

Првите 8 години

Рата 200 евра = Влада 160 евра + корисникот 40 евра
Наредните 3 години = Влада 100 евра + 100 корисникот

Во случај младите да го одберат првиот модел, појасни премиерот, за рата од 200 евра во која влегуваат и главнината и каматата Владата ќе плаќа 160 евра, а корисникот на кредитот 40 евра во првите осум години од кредитот, а во наредните три години субвенцијата месечно ќе изнесува 100 евра, а исто толку ќе биде и износот на кредитобарателот.

Условите за добивање субвенција од државата со проектот генерално се исти како за проектот „Купи куќа купи стан“ освен првичниот критериум за возраста на лицето што ќе го подигне кредитот, најмногу до 35 години. Воедно, барателот на субвенцијата, без оглед на брачниот статус, не треба да има живеалиште на свое име ниту пак да има подигнато кредит. Ако корисникот е поединец за да користи субвенција треба да има до 35 години месечни примања до 900 евра, а ако станува збор за сопружници барем еден од нив да биде до 35 години и да имаат вкупен приход до 1.300 евра. Проектот се однесува само за стекнување нови невселени куќи изградени од градежни компании, како и за изградба на сопствена куќа на свое земјиште или пак надградба и доградба.

Позитивни ефекти од неговата примена Груевски очекува и кај градежните компании што градат нови куќи, како и кај фирмите за производство на градежни материјали и за внатрешно и надворешно уредување.

“На овој начин ставаме фокус и на дополнителна поддршка на градежништвото и градежните компании во Македонија, што ќе придонесе за нивна поголема профитабилност и за отворање нови работни места во градежниот сектор.Сите светски студии за наталитетот покажуваат дека брачните парови кои живеат во куќи многу почесто се определуваат за повеќе деца отколку оние кои живеат во стан. Проектот има цел на голем број млади да им помогне да дојдат до сопствена куќа, а индиректно среднорочно и долгорочно да се влијае на зголемување на наталитетот, рече Груевски.

Во соработка со градоначалниците и општините, Владата ќе овозможи дополнителен број парцели за изградба на куќи. На општините кои ќе изработат и спроведуваат детални урбанистички планови со кои се предвидуваат парцели за изградба на најмалку 100 куќи Владата ќе им помогне со плаќање дел од комуналиите во сразмер што дополнително ќе биде договорен заедно со ЗЕЛС.