Нов електронски систем за учество на јавниот повик за прибирање барања за средства од буџетот на градот

Град Скопје оваа година воведе нов електронски систем за учество на Јавниот повик за прибирање барања за користење средства од Буџетот на Град Скопје за 2020 година, наменети за финансирање програми и проекти од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2020 година.

Имено,  Град Скопје, преку Секторот за јавни дејности – Одделение за култура во минатите години практикуваше потребните документи кои се бараат со јавниот повик да се доставуваат во печатена форма преку Архивата на Град Скопје, односно, апликантите, покрај пријавата, задолжително требаше да ги достават и следните документи: документ за регистрирана дејност издаден од Централен регистар на Република Северна Македонија од тековната 2019 година, потврда за  отворена и активна  жиро-сметка. Исто така, апликантите, во прилог на пријавата,  требаше да достават и други документи, поврзани со реализација на активноста (авторски договори со учесниците, обезбеден простор или партнерство со некоја установа/организација,  покана за учество на фестивал во странски држави, обезбедени дополителни финансии и слично).

Од оваа година, Град Скопје, во соработка со Скопје урбан лаб, изготви електронска алатка за аплицирање на Јавниот повик за прибирање барања за користење средства од Буџетот на Град Скопје за 2020 година, наменети за финансирање програми и проекти од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2020 година. Со помош на оваа алатка заинтерисираните апликанти имаат можност за прв пат, покрај пријавата (апликацијата) и сите потребни документи кои се бараат за учество на јавниот повик да ги достават по електорнски пат и во електронска форма.

За таа цел, ги известуваме сите заинтересирани апликанти од 18.09.2019 година да го следат официјалниот сајт на Град Скопје, официјалниот facebook профил на Град Скопје и печатените медиуми на кои ќе биде објавен Јавниот повик за прибирање барања за користење средства од Буџетот на Град Скопје за 2020 година, наменети за финансирање на програми и проекти од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2020 година. Во прилог на Јавниот повик ќе бидат објавени и пријавите (апликациите) и Општи и посебни цели и критериуми за  оценување на доставените проектни апликации на Јавниот повик за прибирање барања за користење средства од Буџетот на Град Скопје за 2020 година, наменети за финасирање на програми и проекти од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2020 година.