Носталгија: Зимскиот распуст поминат на село кај баба и дедо, многу снег, многу забава и слобода

Децата останаа на зимски распуст. Пауза од школските клупи, од книгите, од тестовите, од испрашувањата. Но, зимскиот распуст не е распуст ако нема снег, или ако немаш спомени кои ќе можеш да ги раскажуваш со години, да се сеќаваш на нив, да сакаш барем за миг да се вратиш назад.

Носталгија за едно убаво време. Време кога децата не бараа ништо. Време кога децата се радуваа на ситници, на мали работи. Кога желбите беа скромни.

Најпосакувана желба за зимскиот распуст на децата од минатото им била зимскиот распуст да го поминат да село кај баба и дедо.

Слобода, многу снег, многу доживувања, многу игри и забава.

-Се сеќавам, не спиевме со сестра ми таа вечер пред да не однесат на село кај баба и дедо од среќа. Со нетрпение чекавме да се раздени и да не однесат. Куќата на баба и дедо се наоѓаше на рид, па често не можевме да отидеме со автомобил бидејќи имаше многу снег. Ќе го оставевме некаде и ќе одиме нагоре. Кое доживување. Зимска магија на секоја страна. Уште не сме се приближиле на кај куќата, а веќе од далеку се чувствува миризбата на нешто направено, месено од вредните раце на баба, кои не исчекуваат исто со нетрпение. Ќумбетот ја стоплил малата просторија. Баба и дедо околу него. И денеска ми стои таа слика пред очи, иако сега имам веќе 40 години. Денот кај баба и дедо на село започнуваше многу рано. Секогаш не будеше песната на петелот од дворот. Светлината пробиваше низ прозорците и одеше директно во нашите очи. Миризбата на тазе направени мекици беше посилна, а помислата дека надвор има снег и дека не очекува уште еден прекрасен ден, не ни дозволуваше да останеме во кревет. Станувавме веднаш, немаше чешма внатре, па одевме надвор да се измиеме. Никогаш не се пожаливме дека ни е ладно. Секоја година од таму си одевме со еден куп нови плетени џемпери, капи, шалови... се радувавме на секое парче посебно. Со дедо одевме кај животните. Не ни пречеше што таму мириса. Од некаде ќе извадеше парче суво месо, а баба ќе го подготвеше. И сега сакам да го пробам. Баба постојано имаше скриено по некоја кутија со колачи. Денот ни започнуваше на снег. Се санкавме на вреќи. По цел ден бевме надвор. Немаше дел од нашето тело кое не беше мокро кога ќе влезевме внатре. Баба и дедо не ни забрануваа. Јас денеска сум родител на три деца, не ни помислувам некогаш моите деца да ги пуштам надвор на снег, а не пак да дозволам да бидат мокри. Ама затоа моите деца ги немаат овие спомени. Најлошиот момент беше кога знаевме дека ќе дојдат родителите да не водат дома и дека од наредниот ден ќе се разбудиме во стан, во четири ѕида... ја раскажува Лиле својата приказна од детството поминато на село кај баба и дедо.