Носталгија по новогодишната честитка – обична хартија, а толку многу драгоцена

Знаат ли децата денеска што значи новогодишна честитка? Да купиш честитки за целото одделение, за најдобрите другари, за сите другарчиња од соседството и за сите роднини.

На другарчињата од училиште честитката да им ја ставиш во книга, на другарите од соседството пред врата, да заѕвониш и да побегнеш или на роднините да им ја испратиш по пошта...

Тоа беа честитки со најубави желби за Нова година. Колку беше убаво да си најдеш честитка пред врата. Колку беше исполнето срцето. Колку насмевки се измамуваа на детските лица, по заслуга на само една “обична” хартија, а толку драгоцена.

Честитки со Дедо мраз, со елка, со светки, честитки што свират...

Денешните генерации не го знаат тој радост.

Се сеќавате ли кога последен пат добивте или пак испративте на некој новогодишна честитка?

Денеска хартиените новогодишни честитки се заменија со една обична порака на телефон или пак на некоја од социјалните мрежи. Една иста порака која ја испраќаш на сите пријатели од еднаш. Не онаа, вистинска, напишана рачно, со искрени желби, со посветено време.

Поради модерниот начин на живеење, и многуте обврски, денеска е полесно сетоа тоа да биде брзо и електронски.

Но, чувството не е исто. Тоа го знаеме сите ние кои добивавме и испраќавме честитки. Ништо не може да  ја замени насмевката од радост и изненадување, дека некој се сетил на вас. Честитката е искреност, не толку многу поради зборовите, колку поради фактот дека некој во моментот кога купува мисли на вас и ја бира според чувството за вас...