Ноќта помина без потреси, сеизмолозите смируваат

Од неделата до вчера во земјава се почувствувани 16 земјотреси, според податоците на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.

Првиот од низата беше регистриран во неделата во 7 часот со јачина од 4,4 степени според Рихтер. Најсилниот пак е регистриран истиот ден во 15.10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер.

Вчера вечер во Скопје и околината беа почувствувани два последователни земјотреса во 19.53 часот – првиот со магнитуда од 2,4, а вториот од 4 степени според Рихтеровата скала.

Епицентарот и на овие земјотреси бил во источниот дел на скопското подрачје.

Претходно во текот на денот, два потреси беа регистрирани во 11.50 и 14.19 часот со магнутуиди од 2,3 и 3,7 степени според Рихтеровата скала.

Сите потреси се во скопското епицентрално подрачје.

Гаревски: Во скопското подрачје не се можни магнитуди поголеми од 6-7 степени

„Нема причина за паника од аспект на тоа дека сите овие земјотреси што се случуваа не се вбројуваат во силни земјотреси, така што не постои никаква шанса да бидат оштетени конструкциите на зградите од овие земјотреси“, изјави за ТВ Нова Михаил Гаревски, директор на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) на универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.