Никому не должиш да се објаснуваш себеси!

Ти, која цел живот некому нешто објаснуваш. Да, ти, баш тебе ти се обраќам. Цел живот објаснуваш нешто. Се правдаш. Мозгаш. Објаснуваш зошто се работите такви какви што се. Глумиш преведувач. Ти се обраќам тебе и сакам да ти кажам да не го правиш тоа.

Што ќе ти е тоа? За која цел? За чие здравје?

Сакам да ти кажам да не го правиш тоа и дека не мораш да го правиш тоа.  Дури и да те стават во позиција да се објаснуваш себеси, тргни се од тој простор. И едноставно – не го прави тоа.

Ти никому не си должна да ги објаснуваш своите постапки, избори и одлуки. Никому не си должна да се објаснуваш себеси. Нема зошто да објаснуваш зошто доиш, зошто не доиш, зошто си родила 5 деца или не си родила ниту едно, ниту да објаснуваш зошто јадеш или не јадеш месо. Нема причина да објаснуваш зошто имаш вишок килограми.

Луѓето се љубопитни, сакаат да знаат сѐ, да прашуваат, да бутаат нос каде што не им е местото и да се хранат со тоа, но не се хранат со информациите. Тие се хранат со твојата енергија додека ти се објаснуваш, анализираш, правдаш, итн. Тие се хранат и си одат, а ти остануваш празна, затоа што ти ја исцицале цела енергија. Немој да ги храниш. И немој да се браниш, дури и ако се чувствуваш нападнато.

Насочи си ја енергијата на другите работи, работи од кои имаш некаква корист. Остави ги празните приказни. Батали ги тие работи. Не се објаснувај. Научени сме да ги правдаме своите постапки дури и на непознати луѓе. Но, мора да ставиме крај на тоа.

Јас не му должам објаснување дури ни на партнерот. Едноставно не должам. Никој нема право и власт над мене и моите одлуки, само и исклучиво ЈАС, затоа што само јас живеам со нив. И никој друг. Подобро да отидеш и си легнеш, отколку да трошиш зборови. Од спиењето барем имаш некаква корист.

Можеби никој не ти го рекол ова, можеби и не го знаеш, можеби си чула, но не си го запомнила.

Ако нашите баби морале или мислеле дека морале да се објаснуваат, ние денес не мора да го правиме тоа и знаеме дека не мораме. Не дозволувај животот да ти помине во правдање и објаснување.

Сакам да им дадам и пратам поддршка на сите жени кои живеат онака како што сакат, онака како што ќе одберат и онака како што ќе решат дека треба.

На сите останати ви велам дека никому не должите објаснување за ништо!