Никој не дозволил но никој и не ja стопира градбата - „Менада“ полека но сигурно оди во заборав

Општина Чаир не дала никаква дозвола за градежни работи за промена на надворешниот изглед на локалот „Менада“.  Деновиве објектот е покриен со платно на кое е презентиран новиот изглед, пишува сакамдакажам.мк. Според сликата, објектот ќе има целосно изменет изглед, ќе стане застaклен објект со розова фасада. На платното со кое е покриен објектот пишува „отварање наскоро, ресторан, пицерија, кафуле“.

Угостителскиот објект „Менада“ е изведен 1974 по проект Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија, која меѓу другото како дел од тимот на Градскиот завод за урбанизам и архитектура работела на Деталниот урбанистички план за скопската Стара чаршија, за реконструкција на Сули ан, на ревитализација на Старата чаршија и Чифте амам. Во текот на изминативе децении автентичниот изглед на самата фасада и објектот беа отстапени од оригиналниот поради разните пренамени. Најдолго последнава деценија во овој објект беше популарното кафуле „Менада“.

Додека на терен се гради на објектот, градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека тие како Општина не дале дозвола за градежни работи, ниту можат да спречат било какви активности бидејќи немаат ингеренции за тоа.

„Во 2011 година, Министерството за транспорт и врски ги одзеде ингеренциите на Општина Чаир за Старата скопска чаршија со образложение да се зачува овој дел, кој е симбол не само на Скопје туку и на државата. Е па, еве сега видете колку го чуваат автентичниот изглед на Чаршијата. Ние немаме ингеренции да даваме градежни дозволи туку Министерството. Јас како градоначалник секако дека не се согласувам со ова што се случува со објектот познат како ‚Менада‘. Затоа пратив денеска инспектори да видат за што станува збор. Извештајот ќе го предадеме до Министерството за транспорт и врски, кои се надлежни да постапуваат“, вели Ганиу.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека кај нив не стигнало барање за изведување градежни работи на посочениот објект во Чаршијата, ниту пак издале дозвола.