Никогаш нема да се откажам од пиење кафе во самотија

Самотијата за мене секогаш била враќање кон себеси. Време за себеси. Никогаш не сум бегала од неа и секогаш сум ја доживувала како нешто добро и корисно. Удобно. Како мала често знаев да ѝ кажувам на мајка ми дека ми е досадно, а таа секогаш велеше дека тоа е добро и дека така треба и да биде. Ова не ми беше јасно, па таа ми објаснуваше: „Така ќе откриеш што сакаш да правиш, што сакаш.... Ако не ти е интересно во сопствено друштво, како очекуваш и на другите да им бидеш интересно друштво.“

И уште тогаш најдов најдобар начин за да ги поминам тие ретки моменти на самотија. Големиот Мика Антиќ има кажано: „Својата сила ќе ја препознаеш по тоа колку си во состојба да издржиш самотија...“ Ако силата на карактерот се мери според нивото на поднесување на самотија, па јас сум супержена! Нема ништо поубаво од тие моменти кои ги поминувам сама со себеси. 

Најсреќна сум кога ќе седнам сама со филџан полн со силно и убаво кафе, кога ќе го почувствувам мирисот на кафето, а мислите си патуваат по сопствен тек. Па се присетувам на себеси, на своите желби, надежи, соништа.... Сонувам, а часовите минуваат. Не ми треба спасување од самата себе. Тоа е мој момент кој вреди исто како и милиони моменти поминати и во најдобро друштво. 

Кога во тие моменти ќе ми заѕвони телефонот и кога ќе кажам дека сама пијам кафе, личноста од другата страна на линија секогаш се чувствува неудобно и ми се извинува зошто не се јавила порано за да одиме некаде. Во такви ситуации, секогаш сакам да го цитирам (повторно) Мика Антиќ кој вели: „Не ми го кради меѓувремето, она што не е помеѓу тебе и мене, она што помеѓу мене и мене.

И затоа секој ден одвојувам еден дел од попладнето за себеси и за добро кафе, фотелја и книга. Некој ќе каже тоа е осаменост, јас велам дека тоа е чисто уживање.

Сѐ зависи од тоа од кој агол ги гледате работите. Јас вака гледам на тоа: Тоа е мое омилено време за мојот омилен ритуал за пиење на мојот омилен напиток. Да, свесна сум дека сто пати напишав „омилено“, но тоа е вистината.

Пиењето кафе сами со себе е рецепт кој секој треба да го применува. Така едноставен, а толку корисен. Пробајте, верувајте дека прави чуда!