Никако да почне изградбата на патот Скопје - Блаце

Иако беше најавено за прлетта, дури во четвртиот квартал годинава се очекува да започне изградбата на првите два, од вкупно 13 километри од автопатот Скопје – Блаце – објави АлсатМ.

Иако министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, уште во мај најави дека тендерот за избор на изведувач ќе биде објавен во јуни, а изградбата ќе започне на крајот на летото, од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека тендерот ќе биде објавен дури во текот на јули.

Од Јавно претпријатие за државни патишта велат:

Тендерот за градежни работи очекуваме да се објави во текот на јули 2019 година. Основниот проект е готов и се чека позитивен извештај од завршна ревизија, за потоа да се објави тендерот заедно со техничката спецификација. Доколку постапката за избор на изведувач е успешна, очекуваме градежните работи да започнат во четвртиот квартал на 2019 година.

Министерот Сугарески пак, пред месец и половина, на 18 мај, во изјава за Алсат кажа дека првите километри од оваа автопатска делница која што е децениско барање на бизнис заедницата ќе почне да се гради најдоцна до август.

Останатите 10 и пол километри од автопатотот, ако се заврши проектот во првиот квартал следната година, ќе почне да се гради следната градежна сезона.

Од Јавно претпријатие за државни патишта велат:

Во моментов отпочнато е проектирањето и на втората подделница за автопатот Граничен Премин „Блаце“ до клучка „Стенковец“ во должина од околу 10,5км. Се очекува Основниот проект да биде готов во првиот квартал на 2020 година, а тендерот за втората подделница според процедурите на ЕБОР со предквалификација, исто така, да се објави најдоцна до крајот на првиот квартал на 2020 година“.

Вицепремиерот Бујар Османи минатото лето вети дека оваа пролет ќе почне изградбата на автопатот Скопје – Блаце. Според најавите од Владата планот е изграбата на оваа делница да се одвива во две фази. Првата е од граничниот премин „Блаце“ до клучката Блаце во должина од околу два километра и треба да се изгради за 18 месеци. Вториот дел, до Скопје е долг 10,5 километри и треба да почне со градба следната година и да трае околу 36 месеци.

Очекувањата се дека овој автопат ќе биде пуштен во употреба во 2023 година. Автопатот, кој ќе има четири тунели и осум моста чини околу 110 милиони евра, кредит од ЕБРД. Инаку, Косово ја заврши изградбата на автопатот од Приштина до македонската граница  долг 55 километри за помалку од пет години. Вредноста на проектот изнесува 600 милиони евра.