Ден откако беа донесени мерките против аерозагадувањето, а скопјани си продолжија по старо. Иако празните улици ветуваа дека барем еден ден скопјани ќе се лишат од својот комодитет за да се прочисти воздухот во главниот град сепак само што почна да врне се врати истата слика редици и гужви од автомобили на улиците.

Иако една од мерките беше бесплатен јавен превоз со автобусите очигледно граѓаните тешко ги менуваат своите навики. Од друга страна бесплатното возење најмногу им се исплатеше на пензионерите кои ги наполнија напладне автобусите па гужви истовремено имаше и во градскиот превоз, но и од автомобили.

Додека граѓаните кои постојано се жалат на загадениот воздух во Скопје, не дадоа свој придонес да се намали загадувањето наместо со автомобил да отидат на работа со автобус, за среќа на властите кои ги предложија мерките наклонето им беше времето.

Мерките кои беа предложени од Министерството за животна средина, бидејќи два дена по ред загаденоста на воздухот беше на највисоко ниво се однесуваа на ослободување од работни обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години и болните, прекинување на градежните активности во градилиштата, како и воведување на бесплатен автобуски превоз додека трае загадувањето. Општина Аеродром информираше дека ослободила од работни обврски вкупно 69 лица.