„Независен“ - нов весник на пазарот во Македонија

Грчката Независна балканска новинска агенција – ИБНА во Македонија го почна проектот на издавање на нов дневен весник, чија што интернет страна Независен.мк беше промовирана деновиве на социјалните мрежи.

Кон крајот на месецов ќе почне и издавањето на новиот весник, во кој веќе се ангажирани десетина македонски новинари.

„Под заедничко име „Независен“ ќе се обидеме да ѝ додадеме моќ на информацијата, како еден од новите медиуми што сакаат да го искачат повторно на „пиедестал“ новинарството во земјата“, пишува во уводниот текст на денеска промовираниот портал.

Зад идејата за „исчекор  од ‘копи пејст’ новинарството и враќањето на професијата на стандардите што ја правеа вредна за постоење“ како главен и одговорен уредник застана долгогодишниот новинар на Утрински весник , Слободанка Јовановска, а новинарскиот тим се состои од искусни новинари од кои повеќето доаѓаат од поранешните изданија на Медиа Принт Македонија: Александра Митевска, Лејла Сабит, Горан Адамовски, Сашко Димески, а редовен колумнист ќе биде Ерол Ризаов.

„Независен весник“ е предвидено да  биде бесплатен и освен на македонски ќе содржи и три страни информации на англиски јазик. Директор на фирмата регистрирана во Македонија е Никос Фрагопулос долгогодишен дописник од Скопје на атинската новинска агенција  АНА.

Сопственик на ИБНА е Спиродон Сидерис, грчки новинар и издавач кој исклучиво се бави со медиумскиот бизнис.

Ова е второ издание на ИБНА во регионов годинава, откако во февруари стартуваше весникот „Фри прес“ во Албанија.