Непобедливиот Вардар падна против Барселона

По 10 кола непобедливост, ракометарите на Вардар го запишуваат првиот пораз сезонава во Лига на шампиони и тоа од каталонскот тим против кој во полуфиналето во Келн ја почнаа серијата без пораз на 15 средби во елитата.

Дуелот меѓу Вардар и Барселона во рамките на 11. коло од Лигата на шампионите беше прогласен за натпревар на колото. 

Каталонците го добија со тесен резултат од 29:28 и без многу доминација, бидејќи актуелниот првак беше раноправен противник во поголем период од средбата, а Арпад Штербик повторно беше во елемент особено во првиот дел.

Првите 30 минути понудија неизвесен ракомет со пресврти. Вардарци во еден момент направија серија од 4:0 за водство од 8:10, но го загубија минимално со 15:14.

Барселона на стартот од второто полувреме направи серија од 3:0 и до крајот на натпреварот ниту еднаш не го испушти водството кое се движеше меѓу 2 и 4 голови предност.

При водство од 29:26 Вардар во финишот успеа да врзе два гола во низа и тоа предизвика брканица на теренот во последните 20 секунди кои Барса тактични ги потроши.

Најпрецизни во тимот на Раул Гонзлаес беа Циндриќ со 5 и Борозан со 4 погодоци.

На 18 февруари Вардарци на домашен терен го пречекуваат Пик Сегед.