Живееме во модерно време, правиме модерни свадби, или пак само така изгледа дека е модерно, а реалната слика е сосема поинаква.

Добивте покана за свадба и во неа, освен стандардните информации за денот и часот на свечената церемонија и предлог за подарок? Пораката "подарок во плик" веќе не е ништо новообичаено. Младенците ви препорачуваат да не трошите време и пари по продавници, туку парите да им ги дадете ним за самите да си одберат што им треба.

Но, сугестиите на поканите за свадба се различни. Најнова мода е давање на хуманитарна димензија на свадбата како што е препораката до гостите да донираат пари за одредена целна група.

"Драги гости, наместо букет цвеќе донирајте средства за децата на кои им е потребна помош! Кутијата ќе биде ставена во ресторанот! Ви благодариме!".

Некои добиваат и покани на кои пишувало "наместо со цвеќе, честитајте ни со грепка". Вистина или не, но се раскажува дека на една ваква свадба младенците собрале еден куп грепки..., па добиле вредни подароци - скутер, фрижидер...

Сепак, за многумина, ваквите или слични сугестии на поканите за свадба се дрски и непристојни.

На оваа тема има многу дискусии. Колку што има приврзаници, толку и луѓе со обратно мислење. Некои одат дотаму што тврдат дека доколку добијат таква покана нема воопшто да одат на веселбата.

Како и да е, сепак на крајот одлуката каков подарок ќе однесе е на гостинот што присуствува на свадбата. Сугестијата може, а и не мора да се прифати.