Немир и несоница: Стравoт од нови потреси ги наполни парковите

По земјотресот со јачина од 4 степени според Рихтер, кој се случи околу 19 часот, голем дел граѓани ги напуштаа своите домови барајќи спас во парковите на отворено и кај своите роднини.

По големиот стрес што го предизвика земјотресот од 5,3 степени во неделата, веќе никој нема мир.И додека едни со своите автомобили ги напуштаа живеалиштата и бараа да се засолнат на безбедно, други доцна во ноќта повторно во страв се вратија во своите домови, но го дочекале утрото во грч и без сон.

- Немам сон ,постојана сум со мисла дека во секој момент повторно ќе има земјотрес. Првиот оној утринскиот ме разбуди рано, а попладневниот ме затече додека работев во кујна, живеам на шести кат, одеднаш ме обзема страв кога слушнав како се крши стакло, соседите почнаа панично да трчаат по скали велејќи ми да побрза да не седам дома, раскажува Билјана.Т. од Капиштец.

Млад брачен пар од Кисела Вода велат дека ноќта ја поминале во својот автомобил. Ти раскажуваат дека биле многу исплашени ноќта со своето шестмесечно бебе да ја помине на петти кат. 

План за евакуација и без паника

Околу 50 граѓани беа повредени во паниката при бегање од земјотресот што завчера го погоди Скопје. Над 30 пациенти се здобиле со скршеници на рацете или нозете или со расеченици. Некои паднале по скали, додека други од паника скокале од терасите на пониските катови од зградите. Во Центарот за управување со кризи вчера до 11 часот се јавиле 300 граѓани кои пријавиле штети од земјотресот.

Управувачкиот комитет за справување со кризи ги задолжи општинските кризни штабови да формираат екипи кои заедно со стручните лица од ИЗИИС почнаа да вршат увид во состојбите на терен, посебно на патната инфраструктура, водовод и канализација, инфраструктура поврзана со преносот на топлинска и електрична енергија, станбените згради и останатите објекти за домување. 

Дирекцијата за заштита и спасување се уште нема објавено аларм за можен катастрофален земјотрес, бидејќи ниту сеизмолозите не можат да ги предвидат потресите. 

Се препорачува да се избегнат прозорците. Да не се бега панично додека тресе, туку да се почека да заврши потресот, а потоа да се засолни на безбедно. Не треба да се користат лифтот или скалите, ниту да се излегува на тераса или балкон. Додека траат потресите најважно е граѓаните да се засолнат на побезбедни места, како што се оние до врата, до носечки ѕидови, под маса или друг поцврст мебел или пак во ќош од внатрешни ѕидови. Оние што потресот ќе ги затекне во кревет треба да се засолнат на под покрај креветот и да се заштитат од се' што може да падне врз нив. Во објектите во кои може да се почувствува мирис на плин не треба да се пали никаква запалка. 

Се препорачува граѓаните веднаш по потресот да ги исклучат сите електрични апарати, за да не се предизвикаат дополнителни несреќи. При излегувањето надвор од објектите, граѓаните треба повторно да се заштитат и да бидат подалеку од уличните светилки, електрични кабини, високите згради.