Немажените не можат да се вработат бидејќи ќе раѓаат, а повозрасните со искуство се постари од 30 години

Често пати немажените млади девојки не можат да најдат работа од причина што во иднина треба да родат, а повозрасните жени со искуство не го исполнуваат условот бидејќи повеќето фирми бараат лица до 30 години. 

- Ме повикаа на интервју во една скопска фирма, се претставив себе си, моето образование и искуство, ме прашаа дали сум мажена, одговорив дека сум, веднаш потоа следеше прашањето дали имам деца и на која возраст се, учтиво одговорив дека имам дете од 2 години. По разговорот следеше прашањето - што работи вашиот сопруг? Во тој момент помислив за што ме повикаа на интервју да се вработам и чесно да си ги извршувам работните задачи или од фирмата повеќе се заинтересирани за мојот семеен живот.Одговорив - мојот сопруг има свој бизнис.По мојот одговор човекот кој ми ги поставуваше прашањата се дрзна да ми каже дека нема потреба јас да работам бидејќи имам сопруг кој има фирма, а и мало дете кое по негова претпоставка би се разболувало и би довело до мое често отсутво од работа, раскажува Емануела од Чаир.

Вистината е дека големите компании користат многу средства за да проценат дали го пронашле вистинскиот кандидат, па така преку некои необични прашања откриваат многу нешта за личноста. Но, многу пати и поставуваат бизарни прашања, особено на женските кандидати. За егзистенција во животот, многу луѓе замижуваат на сите тие работи, сметајќи ги дека не се важни, со цел да дојдат до работно место и до редовна месечна плата.

 -Неодамна бев на интервју во банка. Покрај стандардниот разговор, ме прашаа дали планирам во брзо време да се мажам, ми стана непријатно, одговорив дека имам озбилна врска, но се уште немам намера да влезам во брачните води, вели Ана од Миџурин.

По една недела скопјанката Ана била известена преку меил дека ги исполнува сите нивни критериуми, но банката одлучила да прими машки кандидат.

-Не ме вработија дека сум жена и дека во иднина планирам да раѓам, иако ги исполнував сите критериуми. Очигледно политиката на повеќето фирми и банки низ градот е да вработуваат машки лица за да бидат сигурни  дека нема често да се користат боледување, вели Ана.