Нема веќе ограничувања за гинеколошки тестови во Скопје

За пациентките од Скопје повеќе нема ограничувања за микробиолошки тестови за гинеколошки инфекции. Државните лаборатории на Институт за јавно здравје и на Институтот за микробиологија, каде што се вршат микробиолошки гинеколошки анализи, повторно почнаа да ги примаат брисевите на сите жени кои имаат упат за оваа здравствена установа.

Така велат дел од матичните гинеколози, кои забележуваат дека последните два дена ниту една пациентка која била испратена на Институтот за микробиологија за микробиолошки анализи не се пожалила дека не била примена.

До решавање на проблемот дојде откако бремени жени реагираа дека поради дефицит на тестови лабораториите не ги примаат микробиолошките брисеви од сите пациентки, туку по принципот кој прв дојде тој ќе биде услужен. Министерството за здравство по реакцијата на Здружението на матични гинеколози донесе мерки дефицитот на тестовите да се надмине со позајмици од други лаборатории, додека не завршат тендерите за набавка на нови количини. Притоа на институтите им беше наредено веднаш да започнат со набавка на тестовите, а на Институтот за микробиологија му беше наложено да овозможи достап на услугите за сите пациенти со валиден упат за микробиолошки иследувања, без разлика дали гинеколошката ординација има склучено или нема договор со оваа здравствена установа. Ова оттаму што Институтот за микробиологија, поради немање доволно количини на тестови, одлучил да склучи договор за оваа услуга само со 12 од вкупно 50 матични гинеколошки амбуланти во Скопје. 

На матичните гинеколози, пак, им беше укажано упатите за микробиолошки анализи да ги базираат на медицина заснована на докази, со избегнување на непотребни упатувања.