Нема веќе „ДА" во руинираната барака кај општина Центар

Младите брачни двојки веќе не го започнуваат заедничкиот живот кажувајќи "да" во старата руинирана барака кај Општина Центар. Од пред еден и пол месец стапувањето во брак се случува во конференциската сала во Музејот на македонска борба каде што, конечно, свечениот чин се одвива во ексклузивен амбиент. Доколку во салата веќе има закажано венчавка или, пак, некој друг настан, тогаш како втора опција на младенците им се нуди венчавка во Порта "Македонија", пренесува Вест.

Салата во Музејот е со површина од 320 квадратни метри и располага со 230 места за седење. Украсена е со уметнички слики, со резби по ѕидовите и по столбовите. Од Управата за водење на матични книги велат дека граѓаните се презадоволни од новите простории за венчавка.

"Голем број граѓани досега одлучуваа матичар да дојде да ги венча во ресторан, токму поради лошите услови во бараката во Градски парк. Се  уште немаме податоци дали бројот на венчавки е зголемен во новите простории, уште е рано, но според реакциите на младенците што изминатиот месец и половина се венчаваа во Музејот или во Портата, веруваме дека тој ќе се зголеми", објаснуваат од Управата. Според нив, венчавањето во овие простории ќе се врши с додека не се изгради и пушти во употреба Офицерскиот дом, во кој ќе биде опремена и сала за венчавање.

Целата постапка за закажување венчавка е иста како и досега, односно додека матичното се наоѓаше во старата барака во Центар. Но сега младите што ќе стапат во брак, треба да поднесат документи во посебна просторија на подрачната единица која од февруари е преселена во зградата на Комерцијална банка. Бараката, пак, која досега беше Матично, ќе се користи како архива на Управата за водење матични книги.

Во зградата на поранешна Комерцијална банка се преселени и шалтерите за вадење изводи од матичната книга на родените, кои досега се наоѓаа во зградата на МРТВ.