Нема кој да ни искречи и да ни ја смени пукнатата цевка во бањата - занаетчиите заминаа во странство

Молери, водоводџии, градежни мајстори, столари... Дефицитарни кадри. За подобра егзистенција сите гледаат да заминат од тука. Се прашуваме, дали за некоја година дома ќе нема кој да ни искречи или да ни ја смени цевката во бањата... 

На Германија итно ѝ треба над 150.000 занаетчии и мајстори, соопшти германското Здружение на занаетчии.

-Во моментов германските занаетчии имаат толку нарачки што се присилени да одбиваат нови работи поради недостиг на стручен кадар – стои во соопштението на здружението.

Преку 50 отсто од претпријатијата во моментов не можат да ги пополнат работните места.

Недостигот на занаетчии и мајстори се проценува на „над 150.000“, но се верува дека тој број е поголем поради фактот дека сите работни места не се пријавени во канцелариите за вработување.

Здружението го гледа проблемот во „долгогодишното обезвреднување“ на занаетчиските занимања и поттикнување на студирање при истовремен пад на бројот на ученици.

– Со години се помалку млади се одлучуваа за учење некаков занает, тврди здружението, кое од германската влада бара реформи т.н., двоен образовен систем со цел да се привлечат повеќе млади да се вратат на изучување занает.

– Купувачите се се пофрустрирани од долгото чекање мајстор и од високите цени- вели за ДПА Клаус Мичелсон од Германскиот институт за економски истражувања.

На проблеми со изведба на работите се жалат и архитектонските и градежните канцеларии, кои имаат премногу работа, но, изведбата е отежната поради недостиг на занаетчии и мајстори.