Нема добар работник без добра плата!

Како газдите очекуваат добри работници, ако истите не добиваат добра плата? 

Неисплатена плата и недоместоци на плата, како и неисплатување регрес за годишен одмор, се уште се меѓу главните проблеми со кои се соочува македонскиот работник, иако овие права му се загарантирани со закон.

Работниците, се уште, не се доволно охрабрени да пријавуваат злоупотреби при исплата на платите или К-15 бидејќи се плашат да не бидат избркани од работа или да не им биде вршен притисок на работа од страна на раководството.

-Работам и прекувремено и за викенди и за празници, платата ми е таа од пред 5 години, кога и се вработив во оваа фирма. Плата 15.000 денари за дипломиран економист. На интервјуто за работа беше посочено, дека ова е првична плата и дека истата ќе се зголемува. Се уште не го дочекав тој ден. Ми беше напомнето дека некогаш може да се работи прекувремено, но дека тоа ќе биде платено. Се уште ништо и од тоа, а секој ден е прекувремен. Секоја сабота е работна, празници исто. К-15 зеемав да, 3.000 денари. Ова и уште еден куп замерки. А газдата секој ден ти стои над глава, барајќи се повеќе и повеќе од тебе, раскажува Андријана. 

Платата е дефинитивно еден од најголемите мотиватори на работното место. Колку поголема плата, толку поголема мотивација за работа. Задоволни и газдите и вработените. Работодавачите кои не исплаќаат фер плати многу брзо наидуваат на револт од вработените, и многу често, нивно заминување.