Интервју со Некст Тајм: Менаџерите се збогатија на наш грб, а ние ќар не видовме!

Талентирани, професионални и иновативни. Секогаш насмеани, позитивни и спремни за предизвик. На музичката сцена во буквална смисла на зборот пораснаа и иако се релативно млади, имаат богата и долга музичка биографија. Од освоени први места на фестивали, преку голем број на хитови и видеа кои се едни од најгледаните на Јутјуб, па се до учество на избор за песна на Евровизија. Се викаат Стефан и Мартин Филиповски, близнаци се, а јавноста ги распознава под името Некст Тајм. Последно нешто што објавија беше маестралната преработка на темата “Слушам кај шумат шумите”, а наскоро ќе ја изненадат публиката и со нов албум на кој работат во моментов. Во интервјуото за Скопје Инфо момците освен што ги открија идните професионални планови, отворено зборуваа и за нивниот однос со поранешниот менаџер Боки 13 со кого требаше да го освојуваат српскиот пазар,девојките, грешките кои ги направиле во животот, но и поуките што ги извлекле од истите.

Скопје Инфо: 2017 година ја заокруживте со маестрална промоција на видеото за преработката на темата “Слушам кај шумат шумите” која наиде на доста позитивни реакции и коментари од страна на публиката.Од тогаш до сега поминаа неколку месеци, имавте време да ги сумирате впечатоците и импресиите, па колку лично вие сте задоволни од сработеното и дали вашите очекувања се остварија?

Некст Тајм: Пред да излезе видеото за “Слушам кај шумат шумите” имаше премногу голем притисок во нас самите затоа што незнаевме дали песната и видеото ќе бидат прифатени онака како што беше прифатена и “Ја излези Ѓурѓо” . Откако се пушти видеото во самата сала на големото платно веднаш добивме поголема самодоверба и тоа чувство на страв се изгуби. Доказ за тоа беше големиот аплауз што го добивме од самата публика во салата по завршувањето на видеото и потоа преубавите коментари и реакции на публиката како на социјалните мрежи така и кога ќе не сретнат лично дали е тоа на настап или некаде на улица.

Скопје Инфо: Непосредно по промоцијата на видеото најавивте и албум со преработки на стари изворни песни. До каде сте со реализацијата на тој проект?

Некст Тајм:Во моментов собираме песни и идеи за тоа кои песни да се најдат на тој албум,имаме доста идеи, впрочем како и би немале кога македоската традиционална музика има во изобилство голем број песни кои што се прекрасни ,па така во моментов сме на слатки маки кои од сите нив да ги избереме.

Скопје Инфо: Како ги бирате песните кои ги преработувате, на кој начин ја правите класификацијата. Досега имавте две преработки и два полни погодоци. После вашето реобјавување на “Слушам кај шумат шумите” и “Ја излези Ѓурѓо” ниту една прослава не минува без да бидат испеани?

Некст Тајм: Песните ги бираме според тоа дали ние самите ќе видиме во таа песна, во нејзините стихови филм, дали таа песна ќе може да се преработи и да го надмине оргиналот, дали таа песна самата по себе ќе ни го создаде филмот на аранжманот, и дали таа песна носи добра порака. Многу ни е мило што последните две песни ги пеат насекаде, дали е тоа стадион, кафеана, концерт или семејна прослава. Тоа е и поентата, песните да се вратат со друг аранжман, но со ист дух и македонскиот народ да се радува на ова богатство од мелос кој што го поседуваме.

Скопје Инфо: Бевте дел и од продукцијата на Бојан Јовановски со кој требаше да го освојувате српскиот пазар. До каде сте со тоа?

Некст Тајм: Имавме обид да снимиме песна и видео запис за истата песна, бевме во Белград, престојувавме периодично, запознавме доста луѓе, но искрено не сметавме дека ни се пружи добра песна, односно тема во онаков стил како што ние посакувавме.Сфативме дека не сме за тој пазар, едноставно ние размислуваме на друг начин од таа музика што се пласира таму,па и веројатно и видеото никогаш не излезе поради тоа. Колку и да се почитувавме меѓусебно , не сметавме дека размислуваме исто со Бојан и неговата продукција. Има многу работи кои што не ни се допаѓаа, но да не бидеме контроверзни, тие работи нека останат само за нас.

Скопје Инфо: Во буквална смисла на зборот пораснавте на сцена. Кога ќе се вратите наназад низ годините, дали постојат некои работи во однос на кариерата кои би ги промениле?

Некст Тајм: Пораснавме и поминавме многу во овие десет години на оваа сцена. Видовме од добро до лошо, од човек до монструм, од подем до пад , но најубавото нешто што го видовме се фановите, луѓето кои што само поради нив и поради нашата огромна љубов спрема музиката се уште сме тука и се уште знаеме како да ги изненадиме од песна до песна. Но, дефинитивно кога би можеле да го вратиме времето , не би верувале на ниту еден "Менаџер"

Скопје Инфо: Дали научивте нешто од грешките?

Некст Тајм: Секако, затоа доколку се појави некој следен кој сака да работи со нас и за нас нека повели и дојде со парче договор - колку тој ќе направи за нас, како со финансии така со план за тоа како да бидеме уште подобри и поуспешни. До сега сето ова ние го правевме за нив, а сите тие се богатеа седејќи и нарекувајќи се менаџери на Некст Тајм.

Скопје Инфо: Освен музиката, голема пасија и на двајцата ви е и спорот. Наоѓате ли време за физички активности во моментов, дали можеби нешто тренирате?

Некст Тајм: Нормално е да имаме време за спортот, спортот е нешто без кое што неможеме и двајцата .

Скопје Инфо: Стефан неодамна откри и дека има нова љубов - играчка на две тркала. Која е најдалечна дестинација која што ја имаш поминато со мотор?

Стефан: Ха,ха... Токму така, минатата година добив на подарок еден преубав мотор од мој драг пријател. Пред да го добијам моторот кој е стар скоро 40 години - HONDA CB, можев да го видам само на интернет страниците и кога ме прашаа дали сакаш да го имаш за тебе паднав во несвест ( ха,ха) . Едноставно тоа беше остварување на мојот сон. Што и да кажам мислам дека нема вистински да  ја доволам мојата благодарност на тој драг пријател што ми го оствари овој сон, едноставно ретки се луѓето како него.

Скопје Инфо: Мартин, пак, се занимава со фотографија?Што најчесто фотографираш, дали страста за објективот се уште е присутна?

Мартин: Нормално, фотографијата е мојата љубов , имам премногу фотографии што ги имам направено а ми стојат во мојот компјутер . Јас ги дизајнирав и постерите за последните два спота за “Слушам кај шумат шумите” и “Ја излези Ѓурѓо”. Едноставно ме привлекува обејктивот и сакам да сликам ,можеби во иднина ќе дознаат фановите повеќе за сето ова.

Скопје Инфо: Освен што ви оди на професионален план, тука се и приватните успеси, односно оние на љубовно поле. И двајцата не криете дека сте среќни и заљубени, дали можеби размислувате за официјализирање на врските или бракот го доживувате само како обично парче хартија?

Некст Тајм : Среќни сме што сме со девојки кои што знаат да ценат и сакаат ,но за брак е се уште рано...Да поработиме уште малку (ха,ха)

Скопје Инфо: Имате ли некои зацртани цели кои оваа година морате да ги остварите?

Некст Тајм: Оваа година треба да биде година на поголем број на настапи на Некст Тајм, побарувачката за тие настапи расте, и тоа премногу не радува затоа што сакаме да ја делиме сцената со нашите фанови, сакаме да бидеме присутни секаде каде што сакаат да не слушнат во живо. Но, наша најголема цел е да го извадиме албумот со традиционални песни кој што и го најавивме на самата промоција за “Слушам кај шумат шумите”. Имаме голем предизвик пред нас , можеби и најголем до сега, ќе дадеме се од себе да ги оправдаме очекувањата но, почекајте уште малку потоа ќе слушаме песни долги години.