Некој со вештачки брани сака да го поплави Градскиот парк

За време на врнежи непознат сторител поставува брана, еден вид препрека со дрвени тараби, на самиот истек на водата од езерцата во Градскиот Парк. Оваа девијантна појава ја воочиле екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ по што апелираат тоа да не се прави од кого и да е сторено. Ризикот од поплавување на паркот и излевање на водата е голем посебно кога врнежите се обилни и во краток временски рок, како што е случај последниве месеци.

- Уште една слика на недостиг на свесност и грижа за сè она што не опкружува! Поставена препрека на самиот канал за истекување на водите од езерцата во Градски парк од страна на непознат сторител, можеше да предизвика нарушување на протокот на водата и нејзино излевање. Зарем и ова е тоа што треба да биде сликата на Градскиот парк?!  Нашето постојано залагање во одржувањето на зеленилото продолжува понатаму, но однесувањето и грижата за природата е заедничка обврска за сите нас – велат од ЈП.

За сега не е познато кој и со која цел прави вакви брани и го попречува протокот на водата. 

Претходно екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ по итен повик од граѓани реагираа веднаш и по текот на изминативе 48 часа ги отстранија сите паднати дрвја и скршени гранки од последното невреме со обилен дожд и силен ветар. Тие реагираа во општината Бутел каде имаше неколку вакви случаи и во присуство на градоначалникот на Бутел и директорот на јавното претпријатие Ардијан Муча ги отстранија паднатите дрвја и гранки.

- Ова време требаше да одмораат дома со своето семејство, но сепак дојдоа на работа и го вратија градот во нормала за кратко време! Овие се хероите на денот. Дождот предизвика проблеми на некои места, но сега се е во ред. Не заборавајте, пријавете вакви случаи ако ги сретнете на теренот – напиша директорот Муча на својот ФБ профил и на ФБ страницата на ЈП.