Неинформираноста е причина за стигматизација, а овој статус е потврда за тоа

Неинформираноста за коронавирусот е причина за стигматизација. Во неколку наврати до сега лицата кои биле позитивна на коронавирусот, но и нивните најблиски својата приказна ја споделуваа на социјалните мрежи. Последен во низата е штипјанецот Бојан чија мајка била во изолација како резултат на контакт со лице кое е носител на вирусот Ковид 19.

Тој вели дека сите шпекулации и дезинформации негативно влијаат на личноста која е во самоизолација и апелира до граѓаните да се воздржуваат од коментари кои се носат врз основа на нецелосни информации, а до лицата кои поминуваат низ овој процес апелира да бидат силни и да издржат во оваа борба.

Почитувани сограѓани и сограѓанки! Во изминативе 10 дена моето семејство, нашите роднини и блиски пријатели беа изложени на невиден, а за нас нејасен од ваша страна притисок за тоа дали мојата мајка и нејзината пријателка се позитивни на корона вирусот. За целата ситуација да биде пострашна се одеше и до таму дека стигнале со тешки компликации до клиниките во Скопје, вели Бојан во статусот.

Вашата нискост и безобразност одеше до тој степен што упатувавте закани до моето потесно семејство како не требало да одат на работа бидејќи биле ризични затоа што се роднини со мојата мајка, иако воопшто немале контакт, додава тој.

Бојан апелира до сите наместо да се бламираат и шират невистини, да си ги гледаат своите животи.

Бидејќи секоја лага е вистина доколку се повтори три пати, јас ќе ве советувам да си ги гледате вашите животи кои нема да ги коментирам какви се бидејќи не е во духот на моето воспитување, наведува тој во својот фејсбук статус кој го пренесуваме во целост.