Недела на турскиот филм во Скопје

Првата Недела на турски филмови во Скопје почнува денеска со гала вечер во Македонскиот народен театар.

Гала вечерта ќе започне со филмот „Долга приказна“, кој е во режија на познатиот турски режисер Осман Синав и со главна улога на еден од најпознатите филмски ликови во Турција, Кенан Имирзалиоглу.

На репертоарот на Неделата на турски филмови се и „Танц со Којотите 4“, „Чанаккале“, „Крајот на патот“, „Збогум Катја“, „Раната на мојата мајка“, како и многу други. Со исклучок на гала вечерта, сите останати проекции ќе бидат прикажани во киното „Милениум“ со почеток од 17. 20 часот. 

Дел од режисерите кои ќе прикажат свои филмови се Осман Синав, Онер Килич, Мурат Шекер и Ахмет Сонмез, а дел од актерскиот тим се Емре Кизилирмак, Дерја Шенсој, Ајчин Инџи, Тургај Килич и Бурак Демир.

Настанот е под покровителство на главниот советник на претседателот на Турција г-дин Јалчин Топчу, Министерството за култура и туризам на Турција, Институтот „Јунус Емре“ и Турската меѓународна агенција за соработка и развој (ТИКА).