Недела на шведски филмови во кино „Фросина“

Во организација на Амбасадата на Шведска во Македонија, во кино „Фросина“ од денеска до сабота ќе се прикажат девет филмови во рамки на Недела на шведски филм со СНОВЕ 3  Жените во филмот – програма за креативно поврзување.

Во текот на четирите дена ќе бидат прикажани седум долгометражни филмови и два кратки филма. Помеѓу двете проекции публиката ќе има можност да продискутира за филмот и други сродни прашања во живо со режисерките Керин Екберг, Кристина Линдстром,  продуцентката Лисаби Фридел, а  преку скајп и со режисерките Беата Горделер и Аманда Адолфсон.

Како дел од СНОВЕ 3 програмата, која е поддржана и од Шведскиот институт, гостите режисерки и продуцентки од Шведска деновиве ќе се сретнат со претставници на македонските институции и организации кои работат на полето на афирмација и продукција на филмската уметност.

– Оваа програма цели да ги прикаже и поддржи жените кои работат во филмската индустрија. Второто издание се случи лани во Стокхолм, каде од Македонија, како дел од СНОВЕ 2 програмата гости беа Лабина Митевска и Марија Џиџева, соопшти Амбасадата.