Не стивнуваат обвинувањата за парцелите кај „Хубо Маркет“

Откако претходно градоначалникот на Општина Карпош излезе со соопштение во кое тврди дека парцелите во близина на маркетот „Хубо“ биле продадени на легален начин, се огласија и од компанијата „Реплек“ која е сопственик на брендот. Во сопственост на „Реплек“ е и ресторанот „Ден и ноќ“ кој се наоѓа во непосредна близина. Тие велат дека функционалноста на нивните објекти е доведена во прашање поради претоврањето, како што велат, во „градилиште“ на просторот околу нив. Тие изнесоа барање до општината за промена на актуелниот ДУП, со аргумент дека против истиот се жалеле и пред да биде донесен.

Од „Реплек“ велат дека оневозможен им е дотурот на роба, поради тоа што кружниот тек пред маркетот е затворен, а покрај тоа нарушена е и безбедноста поради градежната механизација која е присутна на прсоторот. Во околината предвидени се 10 нови објекти, кои според ДУП-от ќе го затворат од сите четири страни ресторанот и маркетот. Меѓу содржините најавени се катна гаража, изложбен салон, трговски центар и деловни објекти.

Претходно денес, Стевчо Јакимовски објасни дека земјиштето е продадено на легален и транспарентен начин, по пат на јавна лицитација и дека дури една од парцелите е продадена на компанијата „Хубо ДОО“. Според него, невозможно е да им се одземе правото на градба, на сопствениците на земјиштата, кои веќе имаат склучено договор кој ги обврзува на изградба на соодветни објекти во точно прецизиран временски рок.

За да им излезат во пресрет, од општината им понудиле зголемување на максималната висина на постоечките објекти која до сега изнесува 14 метри.