Не се зголемува цената на билетите во ЈСП!

Цената на билетот во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје што се купува кај возачот и по воведувањето на новиот електронски систем нема да се промени и ќе изнесува 35 денари, а не 60 денари како што беше најавено претходно, предвидува Предлог одлуката за која Советот на Град Скопје треба да расправа на седница во вторник.

- Цената останува иста. Првичната предлог одлука за цена од 60 денари за билет беше за да се намали чекањето  при вадење карта кај возачот бидејќи ако има поголем број патници во тој случај се зголемува времето на чекање на автобусот на автобуската станица додека возачот ги извади  картите, рече денеска на прес-конференција  градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

Трајановски и директорот на ЈСП Игор Јанушев тврдат дека нема нема зголемување туку намалување на цените со новиот електронски систем за наплата со електронски билети во автобусите на ЈСП од следниот месец. - Категорично тврдам дека буквално секоја цена што ја имаме моментално на билетите кои се во употреба се намалува. Исто така, воведуваме нови билети со цел да овозможиме полесно да се користи јавниот транспорт, рече Јанушев.

Цената на билетот за едно возење, информира, останува 35 денари и се прави унификација со цената во  приградските линии која се намалува од 40 на 35 денари. Останува иста  и цената на ноќното возење, 40 денари, а  има намалување на месечниот билет  кој за првата зона чинеше 1.650 денари на 1.400 денари. - Исто така, имаме големо намалување на годишните билети  од 16.060 денари  на 15.400 денари. Со новиот тарифник годишниот билет ќе важи точно една  година од датумот кога е изваден, а не како досега до крајот на годината без огле дкога  е извадена. Ве воведува билет  за менување автобуси, кој ќе биде со важност од час и половина чија цена е 60 денари. Доколку земете во просек дека со овој  билет секој патник ќе може да оствари најмалку три патувања, ачесто и повеќе цената на поединечно возење од 35 денари се намалува на 25 денари, рече Јанушев.

Се воведува, додаде, и дневен билет  за неограничен број  возења од 5 часот изутрина до полноќ  кој ќе чини 120 односно 150 денари  во зависност дали е во прва или втора зона. Ако се земе предвид дека може да се остварат минимум  пет возења во текот на денот, а често пати и двојно повеќе тогаш  просечната цена на едно возење е под 20 денари, односно 15 денари поевтино од моменталната цена на билетот, укажа Јанушев, истакнувајќи и дека се воведуваат и  тримесечен билет  со цена од 4.000 и 4.500 денари и шестмесечен   од 7.800 и 8.600 денари.

Откако во целост ќе се имплементира системот, како што рече, ќе нема билети во хартиена форма. Сите електронски билети ќе се впишуваат во два вида електронски картички што се воведуваат: неперсонализирана и персонализирана. - Неперсонализираната картичка може да се купи во сите билетари на ЈСП, во сите осум инфо центри или на кое било продажно место. Оваа картичка чини 150 денари со две гратис возења. На нае може да се стави одредена сума пари во вид на електронски паричник и при секое влегување во автобус затоа што валидацијата е задолжителна парите ќе се одземаат од картичката и тоа ќе чини 35 денари за возење колку што  е сегашната цена, рече Јанушев, посочувајќи дека оваа  картичка може да ја користат повеќе лица.

Персонализираната картичка, појасни, може да се извади во осумте инфо центри низ Скопје, а се што е потребно граѓаните да носат со себе документ за лична идентификација. Таму ќе бидат фотографирани и картичката ќе се изработи најмногу за две минути. На оваа картичка може да се запишат и месечни, три месечни, сезонски или какви било билети и ја заменеува т.н слободна карта, рече Јанушев.

Градоначалникот Трајановски истакна дека станува збор за историска реформа во јавниот превоз на која се работело долги години. Апелира граѓаните да извадат што повеќе електронски картички за да се намали метежот кај возачот и манипулацијата со давање готови пари кај возачите. Според Трајановски, особено се зголемува можноста за манипулирање ако се плаќа во готово кога со системот ќе се поврзат и приватните превозници на кои Град Скопје ќе им плаќа по километар. Уредите за електронскиот систем за наплата ќе почнат да се инсталираат во автобусите на приватните превозници од јануари и според Јанушев се очекува од почетокот на  мај и тие да станат дел од системот. Интегрираниот тарифен систем за наплата, потенцира Јанушев, ќе важи и за автобусите на ЈСП и за автобусите на приватните превозници.

ЈСП Скопје моментно има 30-ина билетари, но наскоро, според директорот Јанушев,  врз основа на договорот со Мастер дилер ќе има повеќе од 60 продажни места. Таму ќе може да се купи неперсонализрана картичка и да се врши надополнување на двата вида картички. Бројот на автобуски постојки на ЈСП Скопје изнесува 3.000.

air max 90 essential sale