Не работам како келнер затоа што сакам, туку затоа што морам – ако веќе се цените себеси, ценете ме и мене

Ќе учиш, за да работиш она што го сакаш. Така се вели, но во пракса е сосема поразлично. Кирил е од Црешево. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, но не може да најде работа според струката.

Тој, не е од онаа младина која седи дома и чека да најде работа за она што го има учено. Уште додека бил студент тој работел како келнер во повеќе локали низ Скопје.

Живее со својата мајка, која работи како продавачка во еден маркет во Скопје, а има и помала сестра која сега е матуран. За да се школува тој морал да работи. А мора и да помага дома.

Кирил упатува апел до сите оние кои ја потценуваат келнерската професија, дека тој вредно и чесно си ја заработува својата плата.

-Почитувани, не работам како келнер затоа што сакам, туку затоа што морам. Сите ние си ги знаеме вредностите, но ете, мојата судбина го вели тоа. Ако веќе саката навистина да бидете дами и господа, тогаш и однесувајте се така. Бедни сте кога ги омаловажувате келнерите. Бедни сте кога ве слушаме како зборувате, како јадете. Веќе да не зборуваме за тоа какви сте кога одите во тоалет.

Кирил сега работи во еден локал, каде после работното време, после 16 и 30 часот, доаѓаат сите средени, во деловна облека, во костими, со актовки.

-Залудни им се таквите професии кога не го знаат бон тонот. Кога се безобразни и ароганти. Ми се случува кога им ја носам сметката да им наплатам, да ми остават бакшиш, и иронично да се изнасмеат дека на мене тоа ќе ми е потребно.

-Бидете дами и господа до крај, онакви како што изгледате од надвор. Не ги потценувајте луѓето. Никогаш не знаете до кога вие ќе бидете на врвот, а другите околу вас на “дното’.