Не можам да сфатам која е таа потреба да земеш и да го доиш детето во јавност?

Доењето во јавност, за жал, се уште често се поврзува со невкусно покажување на дојките во јавност. Но, сите мајки или жени кои имале прилика да видат мајка која дои сигурно ќе потврдат дека доењето во јавност исклучително ретко изгледа како невкусен чин.

Поголем дел од мајките кои дојат надвор од својот дом внимаваат на дискрецијата, првентство затоа што ни на нив самите не би им било пријатно да бидат премногу разоткриени во текот на доењето.

-Не можете  да го  предвидите времето кога детето е гладно. Иако се случува да биде најадено и да се шетам низ трговски центар или парк може да се случи повторно да покаже знаци на глад. Непријатно ми е доењето во јавност, ако сум излезена некаде практикувам детето да го наранам во автомобил, вели Вики од Скопје.

Поголем дел од мајките кои дојат надвор од својот дом внимаваат на дискрецијата, првентство затоа што ни на нив самите не би им било пријатно да бидат премногу разоткриени во текот на доењето.

-Искрено немам никаков проблем во врска со доењето во јавност моето бебе има 5 месеци, кога и да му се пријаде без разлика каде се наоѓам со себе си носам марамa се покривам и го хранам детето. Не гледам срам во ова тоа е бебе кое не може да го контролираме, нити да го држиме гладно, вели Марија.

Најдобар начин за да не привлечете многу внимание во текот на доењето е на време да реагирате кога ќе забележите дека детето е гладно. Не дозволувајте вашето дете неутешно да плаче бидејќи така само накнадно ќе се вознемири, па и во текот на доењето ќе остане немирно. 

-Својата жена не ја спречувам да го дои детето каде што тоа ќе покаже потреба. Си постои начин ќе се повлече на дискретно место ќе се покрие, можеби ќе привлече внимание, но луѓето ова не треба да го сфатат како срам, сигрно на мајките што се нашле во ваква ситуација не им е лесно, вели Марко татко на 4 месечно бебе.

Каде да доите? 

Ако се најдете во кафуле или ресторан, а вашето бебе е гладно, доколку не постои простор за доење, можете да се повлечете во некое одвоено сепаре или малку да се свртите на страна од друштвото на масата. 

Доколку потребата за доење се јави додека шетате со вашето бебе, а не сте близу до дома, добро место секогаш може да биде некоја клупа во блискиот парк. Ако штотуку сте почнале да доите во јавност, веројатно ќе имате потреба да создадете интимна атмосфера без многубројните погледи од случајните минувачи. Во тој случај обидете се да најдете некоја осамена клупа или во текот на доењето благо прикријте го детето со тетра пелена. Обрнете внимание клупата на која доите да има потпирач за грб, бидејќи во спротивно може да ви биде неудобно да доите. 

Ако со своето гладно бебе сте се затекнале во трговски центар, имајте на ум дека поголем дел од нив имаат посебни простории за пресоблекување и доење каде на мир можете да го нахраните вашето бебе. Ако таков простор не постои, замолете некој од продавачите во продавниците (најдобар избор се продавниците со опрема за бебиња и бремени жени) дали може да ви ослободи некоја од кабините за пресоблекување. 

Кога ќе воспоставите своја рутина и кога доењето во јавност ќе ви стане сосема пријатна практика, веројатно толку ќе ја осовршите својата „техника“ што минувачите нема ни да забележуваат дека го доите вашето дете на клупата во паркот.

Во Македонија нема закон кој забранува да се дои на јавни места. Но, и покрај тоа многу ретко македонските мајки се решаваат тоа да го сторат во парк, кафуле, лекарска ординација или слично. Мајките, сепак, порелаксирано се чувствуваат додека се на годишен одмор и тогаш по плажите можно е да се види и по некоја доилка.

По повод Светската недела на доењето 1 – 7 август, невладината „Матрoна“ го најавува проектот „Breastfeeding Friends – Пријатели на доењето”. Идејата е да гради заедница на субјекти/поддржувачи (ресторани, кафулиња, компании, институции) и заеднички дa се помогнe во подигнување на свеста за доењето.

„Преку најразлични активности ќе се обидеме да придонесеме сите субјекти/поддржувачи заедно со нас да помогнат и да го олеснат процесот на доење за сите мајки. Како дел од активностите во овој проект, НВО ‘Матрона’ ќе направи истражување преку анкетирање на целните групи. Целта на анкетата е да ја истражиме спремноста на општеството во поддршката на мајките за јавно доење и да дадеме поттик за сите идни мајки да ги дојат своите бебиња“, изјави Марија Зафировска, координатор во „Матрона“.