Живееме во време поразлично од она во кое живееле нашите родители, баби и дедовци, и нашите претци. Живееме во време каде е многу важно што имаш, кои нешта ги поседуваш и уште поважно :  да ги покажеш тие нешта на светот. Се опседнуваме со новите телефони, со новиот автомобил, новите брендирани алишта и ги користиме социјалните мрежи за да преставиме слика пред светот дека имаме нешто.

ѝ исклучуваме на нашата мајка кога ни ѕвони, бидејќи едноставно сме презафатени со филтерите на нашата нова фотографија на Инстаграм. Го откажуваме нашето кафе со пријателите бидејќи не сакаме да слушаме за нивниот нов автомобил, за нештата кои ги поседуваат. Ги озборуваме позади грб, велејќи дека се материјалисти кои се заинтересирани само за парите и сите наши разговори се за другите луѓе. Но, ние не сме поинакви. Важно е колку имаме. Колку поседуваме. Колку работи имаме натрупано во нашиот дом кој мора да е според последните трендови и од најпопуларните продавници, бидејќи мислиме дека можеби и нема да им се допадне на нашите пријатели и тие ќе мислат дека немаме вкус.

Бедни сме малку, нели?

 Не знаеме важни детали за животот на нашите родители, за нивното здравје, денес не знаеме ниту како изгледаат нашите први и втори братучеди и воопшто не не интересираат нашите најдобри другари од детството. Не ги каниме на родендените на нашите деца бидејќи пред нив не мораме да се докажуваме, да бидеме нешто што не сме. Во други очи, треба да ја изградиме нашата репутација.

Се оттуѓуваме од луѓето околу нас, имаме  низок праг на толеранција, велиме дека стресот секојдневно нè победува, не наоѓаме време за ништо бидејќи мораме да ги носиме нашите деца на сите места кои се популарни. Ги носиме на Водно, но наместо да поминеме вистинско време со нив, учејќи ги на здравите навики, го паркираме нашиот скап автомобил на Водно и продолжуваме со жичарата. Повторно ни ѕвонат нашите родители, но немаме време да кренеме. Мораме да направиме фотографија за Фејсбук и Инстаграм. Не сакаме да земеме од домашниот сок на нашите мајки направен од капини, бидејќи признаваме само смути со капини. Не ни е важно како е нашата тетка, која се грижеше за нас додека нашите родители беа отсутни бидејќи таа не е кул личност која може да ја подигне нашата репутација.

Времето минува, годините поминуваат, а никако да сфатиме дека не е важно колку имаме, туку што имаме и со кого можеме да го споделиме тоа. Џабе ни се сите материјални работи кои ги имаме и планираме да ги купиме ако сме станати празни личности кои сакаат само да им се допаднат на другите.

Џабе ни е сета репутација, ако немаме среќа и немаме мир и хармонија.