Не е далеку времето кога Скопјани само ќе се сеќаваат каде имаше дрвореди и тревници

Повеќе од сигурно е дека во главниот град тешко е да се живее дури и за дрвјата и другите растенија. Променетата клима, големата урбанизација зачинета со загаден воздух изминативе децении влијаеше на зеленилото кое полека но сигурно почнуваме за секогаш да го губиме. Не е далеку времето кога Скопјани само ќе се сеќаваат каде имаше дрвореди, парк или тревник.  Свенати или дрвја на кои им паѓаат лисјата забележале граѓаните. Ова не е карактеристично за летниот период кога би требало крошните на дрвјата да се бујни и разгранети, а особено кога станува збор за липи и костени. Дрворедите од див костен и липи, кои се наоѓаат покрај булеварот Димитрие Чуповски, навистина се свенати. Универзитетскиот професор за урбана дендрологија, Бојан Симовски, од Шумарскиот факултет во Скопје, вели дека има повеќе причини за оваа појава на венеење на дивиот костен и на липите во урбаната средина.

Симовски тврди дека ова се случува поради постојаното и често непланско градење. Со набивањето на објектите еден до друг се попречува струењето на воздухот, кој би можел да ги оттргне штетните честици од стомите на листовите. На овој начин се прави застој на воздухот, а исто така се зголемува и загадувањето. Токму поради ова, смета тој, полека ги губиме автохтоните дрвја.

Акцијата на градот Скопје за ослободување на дрвјата од бетонските прегради е во соработка со Шумарскиот факултет. Нејзината главна цел е мапирање и ослободување на заробените стебла и корења на дрвјата од градежниот материјал, кој претходно бил нестручно поставен. Професорот Симовски смета дека оваа акција е од големо значење и дека им помага на дрвјата во една урбана средина.

– Од она што успеав да го забележам на терен, има стебла притиснати од цврсти материјали точно во зоната на кореновиот врат. Овој анатомски дел на дрвенестите растенија ја создава врската помеѓу кореновиот систем и надземните органи (стеблото и крошната) и е од исклучително значење за правилниот раст и развој. Светлината (топлината) што се рефлектира од поплочени или асфалтирани површини во непосредната близина на кореновиот врат е поголема од онаа што (не) ја одбиваат почвениот слој или тревната површина. Тоа влијае негативно, може да предизвика вегетативен шок, односно зголемување на физиолошкиот стрес на растението што, пак, конечно може лошо да се одрази врз општата состојба на организмот (слично на имунолошкиот систем кај луѓето). Сепак, најголема придобивка за постојните дрвја е отстранување на опасноста од механички повреди што настануваат со зголемување на димензиите при нивниот раст и триењето со цврстите материјали, особено во зоната на кореновиот врат.

Со тоа ќе се намали можноста од напади на инсекти и болести што би влијаеле неповолно за правилниот раст и развој на урбаната дендрофлора, а за нас треба да значи зачувување на декоративните и еколошките придобивки од неа (врзување на јаглероден двооксид и ослободување кислород) – објаснува професорот Симовски. Но тоа не е доволно, а кога станува збор за дивиот костен и за липите, тој вели дека има други причини за венеење на овие дрвја.