Навалица за половни автомобили

Цвета увозот на половни возила, од кои најголем дел се дизелаши, кои веќе не смеат да се возат во европските метрополи.

Според статистиката од Царинската управа на Македонија, во првите шест месеци од годинава се увезени вкупно 14.260 патнички возила, од нив нови автомобили се 2.779, а дури 9.987 се употребувани возила.

За околу 3.000 евра на многубројните авто- плацеви низ земјава може да се купи автомобил од класата на „голф 5“ или друга марка стара од 10 до 15 години.

Оваа цена е најдостапна за економската моќ на македонските возачи, но од друга страна не може да се измери во пари цената што ја плаќаме поради загадувањето на животната средина од нивните издувни гасови.

Статистичката публикација за транспорт дава загрижувачки податоци дека дури 79,4 отсто од автомобилите во земјава, или околу 305.000 возила се постари од 10 години. Само околу 6.000 возила се помлади од две години, што изнесува 1,6 отсто во однос на 384 илјади патнички моторни возила, колку што биле вкупно регистрирани на крајот од 2015 година.

Македонските граѓани во мај купија 332 нови патнички автомобили, а ако на ова се додадат и уште 71 лесни доставни возила ќе се добие бројка од вкупно 403 продадени возила на македонскиот авто- пазар во овој месец. Ова го покажува извештајот на австриската консултантска куќа „ЦЕ ауто“, која се повикува на податоците од Групацијата на импортери на автомобили на Република Македонија и според него во периодот од јануари до мај 2017 година во земјава се продадени вкупно 2.184 лесни возила, од кои 1.830 се патнички, а 354 доставни комерцијални возила, т.н. пик-ап и комби- возила.

Во земјава опаѓа продажбата на нови возила и по стапувањето во сила на забраната за увоз на употребувани возила кои што се со Еуро 3 еколошки стандарди на 1 јули 2016 година. Имено, овој мај, бројот на патнички возила кои се продадени во авто- салоните е помал за 7 отсто на годишно ниво, додека за периодот јануари- мај продажбата е намалена за 1 отсто споредено со истиот период лани.