"НаТочак" ja прашуваат локалната власт дали би пешачеле или возеле точак на 58.9 степени?

Иницијативата НаТочак преку соопштение прашуваат дали донесувачите на одлуки од локалната власт, сообраќајните инженери и урбанистите би пешачеле или возеле точак на асфалт жежок 58.9 степени?

„Ако не, зошто очекуваат другите да го прават тоа? Тротоарите и велосипедските патеки не треба да се декор на коловозите за автомобили. Тие треба да се во функција на оние кои ги користат. На луѓето на овој град“, се вели во сопштението на иницијативата на Фејсбук.

Преку објавените фотографии, иницијативата прикажува измерена температурата на асфалтот, на пешачките премини, велосипедските патеки и пешачките острови.

Вело-активистите потенцираат дека создавањето улици не е само просто фрлање асфалт, туку создавањето улици е создавање на живот во еден град.

Од НаТочак препорачуваат дека е неопходно планирање на зеленило во склоп на улиците, особено позиционирано да им прави сенка на оние кои не се климатизирани, пешаците и велосипедистите.

„Лошиот дизајн на улиците во еден град ги поттикнува луѓето на своја рака да наоѓаат решенија. Пешаците и велосипедистите прават прекршоци (движејќи се по туѓи патеки или во обратна насока) затоа што бараат сенка и ја избегнуваат екстремната загреаност на патеките изложени на сонце. Луѓето се однесуваат како луѓе, а планерите треба да планираат град според потребите на луѓето, а не според потребите на автомобилите“, стои во соопштението.

Дополнуваат дека пешаците и велосипедистите го извлекуваат „подебелиот крај“ при чекање на семафори кои се изложени на сонце и програмирани да им служат само на автомобилите. Велат дека е фасцинантно тоа што температурата на зелениот простор, дури и кога е изложен на сонце е блиска и пониска од амбиенталната температура,  за разлика од асфалтот кој е 20 степени повеќе.

„Од сето ова заклучуваме дека во следните правилници, планови за Скопје-вело-град, генерален план за Скопје, планови за зеленило и за справување со климатските промени, проекти за сообраќајници итн. мора да има задолжително планирање на богато зеленило на улиците и особено булеварите (па и по цена на скратување коловозни ленти) и соодветно позиционирање за да биде од најголема корист. Не смее да има патеки кои во текот на целиот ден се изложени на сонце. Како што рековме лани на една критична маса: Дрвјата се наша клима!“, констатираат од НаТочак.