Наставничките од „Х. Т. Карпош“ се откажаа од подароците за 8 Март и празникот им го посветија на заболените од Вилсон

Наставничките од ОУ „Х. Т. Карпош“ од Скопје, одлучија денешниот празник, 8 Март, да го прослават на поинаков начин и овој ден да го посветат на лицата заболени од ретката болест Вилсон.

Имено, наставничките ги замолија родителите, оваа година, доколку мислат да одвојат пари за да им купат подароци, тие пари да ги наменат за хуманитарни цели и да им ги дадат на оние на кои најмногу им требаат, пишува Слободен печат.

„Почитувани, доколку сте планирале да одвоите средства за наставничките по повод 8 Март, би Ве замолиле средствата учениците да ги уфрлат во кутија за донации, кои ќе бидат наменети за лекување на заболени од Вилсон – ретка болест. Хуманитарната акција ќе трае 2 недели, а ќе ја спроведат учениците. Однапред Ви благодариме. Најголем подарок за наставничките е љубовта и почитта која ја добиваат од своите ученици!“, беше напишано во повикот од наставничките.

Хуманитарната акција утринава успешно се спроведуваше, а потегот на наставничките беше поздравен од родителите и децата.