Наставничката Јагода од скопско основно училиште е пред пензија. Таа има уште две години да се дружи заедно со децата, да им пренесува знаење и да им ги дава добрите почетоци на животот.

Наставничките се паметат целиот свој живот. Тие те учат да пишуваш, да зборуваш, да се изразуваш, те учат како да одиш низ светот, за богатствата и за убавините. Тие речиси целиот свој живот го поминуваат во школските клупи, заедно со учениците.

Наставничката Јагода вели дека зад себе ќе остави една богата историја од школските клупи и од децата. Вели дека низ нејзини раце поминале голем број на деца, но како што вели таа, едвај чека да ги затвори врататите на училницата и да отиде во пензија.

-Веќе сум изморена. Не од работата, не од обврските, туку од безобразните и невоспитаните деца кои секоја година се побројни. Во минатото се случуваше во одделението да имам по еден или двајца ученици кои се бунтовници и проблематични и тоа најчесто машките. Денеска можам да кажам дека две до три деца се нормални. Од генерација на генерација децата стануват се повеќе безобразни. Се среќавам со секакви деца, но за жал и со секакви родители. Родителите денеска се побезобразни од децата, раскажува наставничката.

Таа вели дека денешните родители се виновни зошто децата се однесуваат така. Вели, наместо да ги учат како да бидат вистински луѓе, како да уживаат и да се борат во животот, тие од нив прават паразити и неспособни деца.

-Во минатото, ако некој ученик ќе добиеше слаба оценка, јас заедно со родителот, се обидував да работиме малку повеќе. Родителите беа секогаш на моја страна. А денеска, ако ставам мала оценка, родителите веќе наредниот ден ме чекаат пред училницата, со остри и критички зборови упатени кон мене, а не кон своето дете, вели Јагода.

Децата денеска не ги мотивираат за да учат и да се надоградуваат. Се им е дозволено. Стануваат и седнуваат на столчето кога ќе посакаат, без разлика јас колку ќе зборувам, кога ја немам поддршката од родителите, додава таа.

Они кои се деца на помоќни родители, се потсмеваат на другите. Но, јас, за жал сум немоќна. Тука е потребно сепак домашно, а не училишно воспитување.

Кога ќе дојде први септември, половина од децата ги нема на училиште бидејќи се на одмор со родителите, а имале 3 месеци за летен распуст, но ете тогаш им одговара на родителите, а училиштето не е важно.

Сменети се генерациите. Сменети се децата. Некогаш оваа професија беше ценета и почитувана, но не и денеска. Се случува и да не ме поздрават децата или родителите на улица, што останува повеќе, раскажува наставничката Јагода.