Настава во Лондон за најдобрите ученици од Аеродром

Продолжување на традицијата на испраќање на најдобрите ученици од скопската Општина Аеродром на настава во Лондон, најавија денес градоначалникот Ивица Коневски и заменик-министерот Спиро Ристовски на заедничкиот состанок со амбасадорот на Велика Британија н.е. Чарлс Герет.

Тоа ќе  значи дека кон почетокот на декември, 25-те најдобри ученици од основните училишта на територијата на Општина Аеродром, ќе заминат на посета во братската Општина Вандсворт во главниот град на Велика Британија. Учениците за времен а нивниот престој ќе посетуваат настава во основното училиште „Брнтвуд“. Тоа ќе им пружи прилика на нашите ученици од близу да се запознаат со британскиот воспитно-образовен систем преку дружење со своите врсници. Учениците ќе престојуваат во семејства на нивните врсници со што ќе дознаат повеќе  за традицијата и начинот на живеење во британската метропола. 

Ова е втора посета од ваков вид, откако минатата година во јуни општината ја испрати првата група ученици, додека изминатото лето Скопје ја дочека првата група британски основци. 
-Оваа иницијатива е многу важна и добра илустрација на врските меѓу Македонија и Британија. Ова е уникатна прилика за најдобрите ученици од Аеродром да посетуваат настава во училиштето Брнтвуд, кое е добар пример на образование во Лондон и важи за многу успешно училиште со голема инклузивност, изјави амбасадорот Герет.
Заменик-министерот Ристевски, пак, кажа дека ова треба да биде предизвик и пример за другите општини во Македонија, зашто размената на искуства и традиција е бесценета.