Наскоро нов автопат од Тирана до Македонија

Договор со „Ѓока Конструсион“ за изградба на автопатот „Руга е Арбрит“  („Патот на Арбр“), кој ќе ја поврзува Тирана со македонската граница и градот Дебар, потпиша албанското Министерство за инфраструктурата и енергетиката.

„Ова е еден значаен инфраструктурен објект, кој ќе ја поврзува нашата земја со Македонија. Изградбата ќе чини 240 милиони евра. Државата мора да го отплати износот во рамките на 13 години. Автопатот треба да биде готов за 3 години“, рече албанскиот министер за инфраструктура и енергетиката Дамијан Гинкури.

„Ви благодариме за довербата. Конечно Владата почна да им верува на албанските компании. Нема да ви разочараме. Верувам дека ќе го изградиме навремено и квалитетно овој автопат“, рекол од своја страна претседателот на компанијата „Ѓока Конструсион“, Рок Ѓока.

Новиот дел од Тирана до македонската граница, до градот Дебар, ќе биде долг 82 километри.

Македонија уште нема проект.

Со години бизнисмените алудираат за изградбата на оваа автопатска делница. Последен пат министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски кажа дека се чека на проектната документација, па после ќе се знае кога ќе стартуваат градежните работи.