Наскоро ќе започне манифестацијата „Скопско лето“- најавена богата програма

На 21 јуни почнува 38-то издание на фестивалот „Скопско лето 2017“. Манифестацијата е поддржана од Градот Скопје и од Министерството за култура. Билетите се веќе во продажба. Организаторите најавуваат богата програма.

„Скопско лето“ ќе стартува со концертот на турскиот етномузичар со меѓународна кариера Омер Фарук Текбилек на 21-ви јуни во Македонската опера и балет. Текбилек, кој живее и твори во САД, свири на специфични традиционални инструменти неј, саз, тарабука, кавал и зурла. Музичкиот стил и инспирација ги црпи од традиционалната Суфи уметност и арапската традиционална музика, во кои вклучува амбиентални електронски елементи. Ќе настапи со група во која членуваат музичари од Балканот и од Италија.

Наредниот ден, 22 јуни, на платото пред МОБ концерт ќе има словенечката рок-група „Лачни Франц“, организиран во соработка со Амбасадата на Словенија по повод одбележувањето на државноста на земјата.

Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, која го организира летниот фестивал во главниот град, наскоро ќе ја соопшти целата програма за 38-мото издание.

Беше промовиран и плакатот за фестивалот кој е дизајн на Христијан Санев.