Стара моја,

Куќата е темна и мрачна без тебе. Дури сега гледам колку живеев во заблуда. Мислев дека децата се најважен дел од животот. И навистина беа и на секое од нив му се радував и живеев за нив. Целото време кое го поминав грижејќи се за нив, често заборавав на тебе. Цело време се надевав дека кога ќе ги завршам сите обврски кои животот ги бара од мене, на крајот ќе одморам и ќе седам со тебе. А сега, седејќи сам во оваа наша куќа, не сум сигурен дека нешто и направив, а сѐ е завршено. Среќен сум затоа што нашите деца се среќни. Од нив направивме луѓе со кои можеме да се гордееме. Среќен сум затоа што нивното постоење има смисла. Но, се прашувам која е смислата која ми остана во овој живот без тебе. Не се жалам, децата доаѓаат. Ми носат сѐ што треба. Ги носат внуците на кои неизмерно им се радувам. Но, како доаѓаат – така и си одат. Сите имаат свои ѕидови. А јас во овие свои ладни и темни ѕидови сум сосема сам.

Стара моја, знам дека времето си проаѓа и сѐ е пролазно. Едните си одат за да дојдат други. И тоа е тој совршен круг на животот и постоењето во него. Но, баш тоа време ме изневери. Не знаев како да го пресметам. Не мислев дека така брзо ќе прелета и дека сега само ќе се сеќавам. А се сеќавам на сѐ, како вчера да беше. Се сеќавам на нашето запознавање. Се сеќавам на нашата свадба. Се сеќавам и на надежта и на нашата сила и волја за да го стекнеме и постигнеме сѐ она што го стекнавме и постигнавме. Стара моја, се сеќавам на сѐ.

Се сеќавам и на својот умор кој го дочекуваше со насмевка. Се сеќавам и на проблемите кои ги решаваме без проблем. Се сеќавам и на грижите за кои секогаш ги пронаоѓаше вистинските зборови. И секогаш беше на моја страна. И секогаш ги кажуваше речениците кои и сега ми одѕвонуваат во глава: „Батали го тоа стари, сѐ доаѓа и си оди. Преспиј, утрото е попаметно. Ќе се реши сѐ. Ние да сме живи и здрави, а сѐ друго ќе си дојде на свое место.“

И баш така, стара моја, сѐ дојде и сѐ си отиде. А и сѐ некако се реши. Јас преспав, но ова утро ништо паметно не ми донесе. Жив сум, но без своето место. А моето место ми беше покрај тебе.