Наместо забрана за автомобили, да се плаќа паркирање на Средно Водно

Сопствениците и вработените во комерцијалните објекти на Средно Водно во саботата протестираа поради одлуката за забрана за движење со автомобили на Водно со која, како што велат, директно е загрозена нивната егзистенција и егзистенцијата на нивните семејства.

Како што пишува Слободен печат, поради оваа одлука на Град Скопје ги загубиле гостите и ќе бидат приморани да ги затворат објектите, иако работат неколку децении на оваа локација. Со забраната се засегнати хотелот „Водно“, ресторанот „Старо Скопје“, црквата „Мала Богородица“, Центарот за биоинформатика на Црвен крст и Клубот на моторџии, како и ресторанот „Шест чешми“ којшто изминативе месеци воопшто не работеше.

Горан Арсовски, еден од вработените во кафеаната „Старо Скопје“, вели дека нивната првична намера била да го блокираат патот за да не можат да поминуваат автобусите на ЈСП кон Средно Водно во саботата и неделата во периодот од 9 до 16 часот, колку што важи забраната за движење со возила. За својата намера тие уредно го известиле СВР Скопје.

Во меѓувреме, според зборовите на Арсовски, ги исконтактирале од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, од каде ги замолиле да не се одржи блокадата и им ветиле решение за нивниот проблем.

– Нè известија дека размислуваат да ја укинат забраната за движење со автомобили на Средно Водно и дека ќе наплаќаат паркирање на постоечките паркиралишта, со цел да се одвикнат луѓето масовно да доаѓаат на Водно. Не сум баш сигурен како ќе го направат тоа затоа што колку што ми е познато, Градот нема надлежност над овие паркиралишта – вели Арсовски.

Поради ова ветување, а и во интерес на граѓаните кои тргнале да се рекреираат на Водно, наместо блокирање се одржа само протест покрај патот, со кој засегнатите од угостителските објекти уште еднаш укажаа на својот проблем.

Инаку, тие уште пред неколку месеци се сретнале со градоначалникот Шилегов од кого и тогаш добиле ветување за наоѓање решение, но досега ништо не се сменило. На првиот човек на Скопје тогаш му предложиле да се постават сообраќајни знаци за забрането паркирање по улиците околу Средно Водно, а врз постоечките паркиралишта да се постават монтажни за да се намали метежот.

Откако беше воведена забраната, гужвата од автомобили на паркиралиштето на Средно Водно се пресели во Нерези, кај комплексот Македонско село.