Наместо Петта авенија ние имаме Волт Дизни и Роналд Реган

Во главниот град околу 300 имиња на улици се сменија во последните неколку години.Улиците Волт Дизни во Шуто Оризари, улицата Ро­налд Реган во Чаир… необичните имиња на улиците ги збунија граѓаните.

Големи забуни има и кај граѓаните што живеат во околината на Козле, поточно за улицата Јуриј Гагарин. Тие велат дека постојат неколку улици со истото име, но со различен број, па понекогаш доаѓа до грешки при посета или при примање пошта. 

Според информациите од градските власти, новите промени на имињата на улиците не мора да бидат извршени веднаш во личните документи, туку името на улицата ќе се промени кога ќе се продолжува важноста, на пример на личната карта. Некои од жителите не ни знаеле дека им се сменети имињата на улиците, а некои од нив велат дека тоа се случило буквално преку ноќ. 

Поголемиот дел од приградските населби немаат имиња на улиците. На пример во населбите Визбегово и Волково улиците се обележани само со бројки. 

Луѓето што цел живот живеат во руралните делови на градот многу тешко би се навикнале на менување на улиците. На пример, улицата 100 ја знаат сите, додека улицата Волковска ја знаат мал број лица, а се работи за истата улица. Порано некои делови не ни имале броеви, а сега е многу полесно за наоѓање, за пошта и така натаму.