Наместо да ја бараш љубовта, дозволи самата да се појави...

Што ако престанеме да ја бараме љубовта? Наместо тоа, би можеле да живееме во сегашниот момент – сега и тука. Замислете целосно да бидеме во состојба да кажеме: „Ова сум јас и добро сум.“

Сета таа потрага по љубовта едноставно нѐ уморува. Мене барем ме умори. Ме излудува таа потрага, таа борба, поради која на крајот се чувствувам несигурно, лудо и празно.

Ние сакаме надворешниот свет да ги смири нашите внатрешни стравови, но тоа ретко се случува. Дури и ако се случи, остануваме скршени. Ја знаете онаа слатка слика која ја имаме за љубовта – онаа за која зборуваат филмовите, песните и општеството? Лажна е. Кога го задржуваме уверувањето дека некоја друга личност или искуство ќе ни дадат можност да се чувствуваме целосно, тогаш нѐ чека неволја. Тоа често го правиме во животот – очекуваме некоја надворешна сила да направи да се чувствуваме целосно. Јас тоа го имам направено неколку пати во животот.

Кога веруваме дека нашата вредност доаѓа однадвор, секогаш ќе имаме чувство дека ни е потребно повеќе љубов. Ова не е нешто ново, само искрена информација. Колку и да сакаме да веруваме дека не е вистина, никој никогаш нема да биде доволен за да нѐ исполни, особено ако самите не можеме да го направиме тоа. Иронично е тоа што кога трчаме по нешто, обично таа работа уште побргу бега од нас.

Излезот од страдањето се наоѓа во нас. Нашата слобода ќе ја пронајдеме ако се свртиме кон нашите, а не туѓите срца. Зарем не е тоа она што сите го сакаат, да се чувствуваат добро поради тоа што се онакви какви што се? Трчањето по љубов стана застарена работа, затоа што сфативме дека веќе ја имаме. Повеќе не се чувствуваме скршени, затоа што престанавме да веруваме дека нешто ни недостига. Замислете тоа да го правевме целиот наш живот? Колку целосно би се чувствувале? Прифаќањето на себеси е начин на кој можеме да ѝ дозволиме на љубовта да дојде. Тоа нема да се случи веднаш. Потребно е време за да научите да се сакате себеси.

Во мојот случај, љубовта кон себеси се појави откако ги исцрпив сите други ресурси. А верувајте ми дека ја барав насекаде. Но, поентата е дека кога ќе станеме понежни кон себеси, тогаш почнуваме да ги привлекуваме другите луѓе. Кога ќе се почувствуваме целосни, другите луѓе не чувствуваат притисок дека тие треба да нѐ исполнат на емоционално ниво. И тогаш, секако, сакаат да бидат во наша близина. Смешно е тоа што тогаш воопшто и не се замараме со тоа, бидејќи повеќе не ни се потребни други луѓе за да добиеме чувство дека вредиме.

Затоа ве молам, преземете ризик – откажете се од овие бескрајни потраги по љубов. Да ја пронајдеме љубовта во нашите срца, да се проучуваме себеси без осудување. Ние не сме скршени, ние сме целина. Ништо не ни е потребно за да бидеме поинакви. Сѐ е океј онака како што е. Сега навистина можеме да почнеме да ја запознаваме љубовта, затоа што конечно се појавила љубовта и тоа директно од нашето срце.