Пензионерите оваа есен ќе добијат зголемување од само еден процент, што значи дека Владата на СДСМ и Зоран Заев нема да ја продолжи политиката на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите од шестотини денари.

Од Министерството за труд и социјална политика за 24 Вести во понеделникот изјавија дека зголемувањето ќе се исплати во септември или октомври, откако статистика ќе ја објави просечната плата за јуни. Оттаму додаваат дека усогласувањето на пензиите од 1 јули 2017 година ќе изнесува околу 1 процент.

Ваквата математика значи дека просечната пензија ќе биде зголемена за само 188 денари. Најниските пензии за 85, а највисоки за околу 471 денар. Во првата половина од годинава пензиите се зголемија за 0,82 насто.

Иако првично со буџетот за 2017 година беше предвидено зголемување за 5 отсто, со ребалансот парите за повисоки пензии се скратени.

Во 2016 година просечната пензија во државава изнесувала 14.476 денари, што е речиси 100 процентно зголемување на износот на пензиите за разлика од 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ ја превзема власта од СДСМ. Пред 2006 година, владата на СДСМ не само што не ги зголемуваше пензиите туку и во неколку наврати изврши корекција, односно намалување, а нивната исплатата редовно доцнеше.