Налетот на водата бил страшен и катастрофален: Слична поплава во Скопје ималo и 1929 год. (фото)

Деновиве сите сме сведоци за големото невреме и поплава која ги зафати поединечните делови на Скопската котлина, и која предизвика огромна материјална штета, и што е најтрагично, однесе и дваесеттина човечки жртви. Слична ваква поплава што се случи на 06. август 2016, имало и на 23. август 1929 година. Слична била затоа што поплавата не ја предизвикал Вардар, како што била поплавата од 1962 година, туку реката Серава, која тече во северниот дел на Скопската котлина, која е лева притока на реката Вардар, а како последица од надојдената вода од јужните падини на Скопска Црна Гора.

Таа ноќ, на 23 август 1929 година, после големите дождови кои ја зафатиле цела Македонија, почнувачќи од 21:30 часот, па до зора, Скопје преживеоало една тешка катастрофа, каде освен онаа од 1962 година, Скопје нема забележано таква поплава во последните 100-150 години. Додека „модерниот“ дел на градот (десно од реката Вардар), во кои се наоѓале голем број на јавни локали, „уживал“ во разладената температура која го предизвикал дождот, стариот дел и периферијата на градот, каде воглавно живеело сиромашно население, биле жртва на незапаметена поплава која се слила од околните ридови на Скопска Црна Гора. 

Налетот на водата толку бил страшен и катастрофален, додека за неполни два часа голем број на улици се претвориле во купови кал преку кои брзата вода која надоаѓала од „бесните“ горски потоци, рушела стотици куќи кои се наоѓале во водата. Водата не наоѓајќи отпор во куќите и ѕидовите кои биле од ќерпич, навлегла длабоко во градот и бргу течела како потоп во тогашната Караѓорѓева улица, го поплавила Бит Пазар и околните улици, каде што се запрела на периферијата кај тогашниот Караѓорѓев парк.

На тој пат водата поплавила многубројни дуѓани на тогашните трговци, ги наполнила нивните подруми до 1,5 метри вода, а во многу тогашни „магази“ т.е. магацините ја упропастила робата, нанесувајќи голема материјална штета. Спрема пресметките на Градежниот Одел на градот Скопје, 800 до 1000 куќи, дел биле срушени, а дел оштетени за секаква понатамошна употреба, каде била направена материјална штета од тогашни 50 милиони динари. 

Од самото утро целиот град и населението било возбудено. Тогашната власт и војската давала се од себе да се бедата на настраданото население намали. Многубројни сиромашни семејства останале без леб и кров над главата и со страв ја очекувале ноќта која не ветувала никаква утеха, затоа што над околните ридови пак се појавиле густи облаци. Дента пред, густи облаци се формирале над селата: Кучково, Никиштане, Грчец, Волково, Бразда, Глуво, Мирковци, Кучевиште, Бродец, Љубанци, Побожје, Љуботен, Радишани и Бутел, па се до Булачани, каде што ја и предизвикале поплавата.

Според кажувањата на тогашните селани, водата достигнувала височина од 2,5 до 3 метри. Така одела се до малиот Брег, помеѓу Радишани и Бутел, каде се наоѓале ромските гробишта недалеку од Скопје. Удирајќи на предниот дел на брегот, водената маса се „раскинала“. Еден помал дел пошол накај Чаир, а другио главен се разлеал во Топанско Поле и уништувајќи се пред себе се доближил до куќите на периферијата на Скопје. 

Како дошло до оваа катастрофа ?

Во североисточниот дел на градот, во денешната општина Чаир, протекува една помала рекичка или поток како што напоменавме Серава. Нејзиното корито има врска со долините кои се протегаат далеку од Скопје, до огранокот на планината Скопска Црна Гора. Од овие краеви потокот ги црпе и собира своите води. Не е никакво чудо да во топлите летни денови Серава пресушувала, а и кога не пресушувала, тогаш нејзината незначителна вода протекувала низ големиот канал кој поминувал испод тогашната Караѓорѓева улица и во неа се вливале градските нечистотии. Но било неверојатно, да тој мал и безначаен поток во дождливо време направи таква катастрофа. Тоа на несреќа го направило и на 23. август 1929 год.

Извор:
Ј.Х.Васиљевић (1930) - Скопље и његова околина, Београд, стр. 9
Политика – Број 7653, Година XXVL,