Најубавите места за прошетка и релаксација во Скопје

Викендот е идеално време за одмор и забава, па наместо да го поминете денот седејќи на кафе со пријателите, искористете го убавото време за заедничка прошетка во природа, заедно рекреирајќи се и топејќи ги калориите. 

Доколку немате време да појдете по некоја од подалечните дестинации надвор од метрополата, а сте од Скопје, можете да пронајдете идилични места и во неговата блиска околина.

Средно и горно Водно

Важно е да го изодите пеш. Истражувајте ги тесните планински патеки, па дури и да скршнете малку од одбележаниот пат не е страшно. Шумите изгледаат магично во секое годишно време.

Кањон Матка

Според многумина, најубавото катче во градот. Доколку досега не сте го направиле тоа, со кајче посетете ја пештерата Врело. Таа е најдлабока подводна пештера на Балканот и втора најдлабока во Европа.

Манастир Никола Шишевски

Над самиот кањон Матка, на една висока зелена полјана, се наоѓа оваа прекрасна скриена убавина за која малкумина знаат. Доколку повеќе уживате во природа без премногу метеж, тогаш оваа локација е идеална за вас.

Зоолошката градина

Кој не бил во скоро време, навистина многу пропуштил. Зоолошката градина е едно од местата во градот кај кое може да се забележи континуиран прогрес, и тоа многу  радува. Иако се’ уште има одредени места кај кои е потребна дополнителна работа, сепак, зоолошката градина изгледа подобро од кога и да било до сега.

Градски парк

Едно од нашите омилени места во градот. Поради неговата непосредна близина до центрот и лесната достапност, некогаш се чини како да забораваме на тоа колку ова место е убаво.

Катланово

На само чекор од вас, надвор од урбаниот хаос, во дабовата шума покрај реката Пчиња, се наоѓа одговорот на вашата желба за релаксација и одмор. Катлановска Бања. Изградена на местото каде што во лековитите води уживале старите Римјани, Византијците, турските великодостојници, Катланово ви нуди целосна преродба.

Марков Манастир

Јужно од Скопје, на околу дваесетина километри, во непосредна близина на селото Маркова Сушица, со векови опстојува Марковиот манастир со црква посветена на светиот велокомаченик Димитриј Мироточив. Манастирскиот комплекс го сочинуваат: добро сочувана манастирска црква од 14 век и отворен трем од 19 век, манасрирски двор, две манастирски трпезарии кои се фрескописани во 14 век од нивната внатрешна и надворешна страна, конаци со убави чардаци, Параклис (помала црква посветена на Св.Ап.Марко), музеј, галерија за икони и други простории, воденица во манастирскиот двор… Во манастирскиот двор се влегува низ стара висока дрвена порта.