Најтажни се празниците кога треба да ги поминеш со блиските на Скајп

Никој не може да остане рамнодушен на празниците. Постои таа магија околу нас кога нè преплавуваат различни чувства. Тоа нема голема врска со тоа колку сме верници и дали сме жртва на потрошувачката култура која владее во Скопје.

Се сеќаваме на руската салата која ја подготвуваше нашата мајка, кифличките на баба, подароците од дедо и новогодишните филмови. Се сеќаваме на заедничкото китење на елката, писмата до Дедо Мраз, украсениот плоштад во Скопје, расипаните сијалички.

Тоа за мене е магијата на празниците.

На социјалните мрежи, гледам многу постови од семејните трпези, ги гледам фотографиите на моите пријатели со нивните нови пријатели, колегите и сета таа празнична магија која владее во нашата земја. Колку и да имаат или немаат, колку и да се лоши политичарите, на крајот на годината сите се весели. Имаат големи надежи за следната година.

За мене, најголема вредност има Бадниковата вечер. Се сеќавам како се собиравме околу семејната трпеза, чекајќи да ни се падне паричката, верувајќи дека навистина ќе ни донесе благодет во текот на целата година. И, навистина имаше нешто во тоа. Секогаш носеше среќа за оној на кој ќе се паднеше.

Јас немам големи надежи тука, од пред 5 години сум во Германија и лека полека го добиваат тоа што отсекогаш сум го посакувала. Не е до дедо Мраз, не е до политичарите тука,  не е до работодавците, само е поврзано со мојот напор и посветеност.

Но, оваа година  како и секоја друга, наместо дома, ќе бидам на Скајп додека се дели лепчето. Морам да работам во текот на тие денови додека во Скопје моите празнуваат. Ќе ми недостасува мирисот на лепчето, печените костени и тиквата, ќе ми недостасува китењето и раскитувањето на елката и сите убави моменти со семејството.

Знам дека ќе им недостасувам на моите родители на кои им беше тешко да прифатат дека нивната ќерка единица реши да си замине да ја бара среќата во друга држава, но сами знаат дека плаќањето за мојата специјализација во Скопје беше невозможно. Не можев да го барам тоа од нив, од нивните истоштени раце од работата во фабриките и нивното збрчкано лице насобрано со грижи од сите месеци кога мораа да плаќаат за мојот факултет.

Ќе ми недостасуваат многу, но знам дека сега ова е мојот живот. Можам да ја преколнувам Македонија, можам да плачам на мојата судбина, но наместо тоа ќе се радувам на миговите со нив. Нема да се тука вечно, нека траат овие мигови.