Неодговорното управување моторно возило претставува извор на опасност кој го загрозува животoт не само на возачите почетници, не само на младите и неискусни возачи, туку и на поискусните возачи, патниците, мотоциклистите, велосипедистите, пешаците итн.

Грешките кои возачите ги прават во сообраќајот, не секогаш се направени свесно, односно многу често фаталните грешки во сообраќајот се последица на потценување на одредени фактори, состојби или околности. Но овој факт, не само што не смее да биде оправдување, туку напротив, дополнително треба да загрижува затоа што одредени опасни појави преминуваат во секојдневна лоша навика која често значи и причина за изгубен човечки живот.

Во групата најчести и најопасни грешки кои ги прават возачите можеме да ги истакнаме:

· Возење под дејство на алкохол. Голем број од сообраќајните незгоди со смртни последици се причинети од возачи кои се под дејство на алкохол. Секој возач треба да знае дека алкохолот влијае на способноста за возење и уште поважно, на способноста за навремена и правилна реакција. Затоа, кога сте под дејство на алкохол, колку и да мислите дека сте способни и дека можете да се справите со предизвикот наречен безбедно возење, една работа секогаш треба да имате на ум - „станува збор за лажна самоувереност која ве води директно во смрт“. Не го потценувајте алкохолот и викнете такси или пријател кој ќе ве однесе безбедно на саканата дестинација.

· Уморен возач. Поспаното возење е исто толку опасно како и возењето во пијана состојба. Кога телото има потреба од сон, тогаш реакциите на мускулите и сетилата стануваат побавни, несмасни и тешко се контолираат. Не ретко се случува возач да заспие зад воланот, а последиците од тоа се сообраќајни незгоди со загинати и со тешко повредени лица. Затоа секој возач мора да биде свесен дека заморот е посилен од него и дека последиците се премногу сериозни за да си дозволите да се впуштите во авантура на тестирање на вашата издржливост. Одговорниот возач секогаш вози одморен и концентриран и притоа не остава простор за каков било ризик.

· Брзо возење. Брзината е исто така една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. Врската меѓу брзината со која се движи возилото и сериозноста на несреќата е недвосмислена и се базира на законите на физиката. Колку побрзо се движи возилото, толку е поголема веројатноста од сообраќајна незгода и толку посеризни се последиците од сообраќајните незгоди. Моќните автомобили многу често го предизвикуваат возачот да ги прекрши правилата за ограничување на брзината без притоа да бидат свесни за ризикот и посаледиците на кои се изложуваат. Токму затоа, РСБСП уште еднаш апелира до возачите на внимателност и секогаш да имаат предвид дека брзото возење убива.

· Возење под одвлечено внимание. Мобилен телефон, таблет, храна, шминка, се едни од многубројните глетки кои секојдневно можат да се забележат во околните автомобили. Секојдневното брзање, рассеаниот живот, зафатеноста се рефлектира и на тоа како се однесуваме во сообраќајот. Секој возач прави грешки од типот на возење под одвлечено внимание, а притоа не е свесен за грешката што ја прави, сѐ до моментот додека не се случи одредена сообраќајна незгода, а тогаш е веќе премногу доцна нешто да се смени. Затоа внимавајте и бидете концентрирани и одговорни возачи.

· Не-носење безбедносен појас. Секој возач и патник секогаш треба да има предвид дека користењето безбедносен ремен е пред сѐ за негова лична заштита и безбедност. И покрај тоа, многу често, свесно или несвесно, особено кога се патува на кратки дестинации, безбедносниот ремен не се користи.

РСБСП апелира на поголема употреба на безбедносниот појас и потсетува дека воздушните перничиња ги прават автомобилите побезбедни, но тие се дизајнирани да функционираат заедно со сигурносните појаси.

Сообраќајните незгоди се случуваат секогаш и секаде и тоа кога најмалку очекувате, затоа за ваша безбедност секогаш користете безбедносен појас.

#Возиодговорно - РСБСП