Најнови детали за потрагата по исчезнатите татко и син

Седми ден сме на терен без престан, го пребаравме секое камче, секоја педа од локацијата што е посочена како последна од местото каде што се изгубиле, но и многу, многу пошироко. За жал, засега нема никаква трага. Преморени сме, но не застануваме. Секој изминат час е важен и продолжуваме да го пребаруваме теренот околу Лазарополе во потрага по двајцата исчезнати.

Ова денеска за „Дневник“ го изјави Рефик Пајковски, командир на Полициската станица – Ростуше кој раководи со потрагата по исчезнатите Љубомир Мицевски (78) и неговиот син Сашо (50) од Скопје, кои исчезнаа минатиот четврток додека береле печурки над селото. Полицајците од оваа станица заедно со населението кое добро ја познава планината секој ден неуморно поминуваат по дваесетина километри во потрага по нив. Тие дента од својата викендичка во Лазарополе тргнале да берат печурки на планината Бистра, а вечерта се јавиле очајно барајќи помош со зборовите „помагајте, се изгубивме“.

Вчера во потрагата заедно со полицајците од ПС Ростуше и неколку жители од селото биле вклучени две армиски кучиња-трагачи и припадници на Армијата. Се пребарувале нови и поризични места, односно не се трагало околу планината, туку низ процепите на карпите.

– Денес теренот го пребаруваа две кучиња трагачи од Армијата, полицијата и жители од селото кои се водичи на групата. Се спуштивме по карпите надолу каде што претпоставуваме дека би можеле да се симнат. Во овие процепи засега нема резултат. Има многу такви процепи што водат надолу и се како долини, што би можело да ги наведат таткото и синот ако сакале да се симнат -вели командирот Пајковски.

Според него, во потрагата која се одвива интензивно од полицијата и населението на Лазараполе им помогнаа и полициските специјалци, како и полициско куче. Првиот ден по исчезнувањето на таткото и синот, теренот го надлетувал и полициски хеликоптер.

– Ние ќе побараме повторно хеликоптери да го надлетаат теренот. Овие денови специјалците не се вклучени во потрагата поради други ангажмани и полициски акции – вели командирот.

Според него, потрагата засега не дава успех.

– Има уште многу за пребарување, треба да ги прегледаме снимките од досегашната потрага, да видиме каде сe сме поминале и што ни останало, па ќе зафатиме пошироко. Станува збор за голем опсег и ако сакаш да бараш, може една година да бараш. Секоја дупка, секој камен и секоја мала карпа е како приказна за себе, како една куќа. На пример, може да гледаш излез, но да речеме, некој засек со дрва може да те наведе 300 метри да се симнеш надолу до дрвата од каде што мислиш дека ќе излезеш и се блокираш, а такви места има многу. Теренот е специфичен, нема видливост, има многу таканаречени шумски опашки, кои како замки се меѓу карпите – вели командирот Пајковски.

Според него, помош ќе побараат и од шумарите и овчарите во тој крај.

– Не е само физичкото пребарување. Треба да се концентрираме и на друго, да направиме разговор со дрварите, има шумари, овчари… Да ги замолиме да ги отворат очите додека го поминуваат теренот. Некои од нив се постојано во шума и тие многу би ни биле од помош.

Утре очекуваме на помош да ни се приклучат алпинисти од алпинистички клуб, па ќе видиме – објаснува тој.

Додава дека потрагата би им била олеснета ако мобилниот телефон имал сигнал.

– Добро би било ако мобилниот телефон беше достапен. Сега проверките на сигналот ни јавуваат само кој е предавателот на последниот сигнал и го дава опсегот на емисија на бранови на тој предавател и ништо повеќе, како, на пример, локацијата, па да се бара во тој правец. Тоа не го дава, можеби е можно на мобилни телефони од новата технологија, но двајцата имале постар модел на телефон – вели командрот.

Љубомир Мицевски и неговиот син Сашо, кој е вработен во МВР, последен пат телефонски контактирале со своите роднини и пријатели на 14 јули во 22 часот. Во тој краток телефонски разговор рекле дека се изгубиле и заминале во непознат правец. Рекле и дека батеријата од телефонот им е при крај и токму затоа не можеле да остварат повторен контакт.

Теренот се снимаше со дрон

Се очекува да се прегледаат снимките од дронот што вчера го надлетувал и го снимал теренот околу Лазарполе.

– Дронот го пуштивме од другата страна на неколку позиции. Треба добро да се прегледаат снимките и првичните резултати од снимките на теренот би ги имале во наредните денови – вели командирот Пајковски.