Пајко маало било најголемото и најпознатото маало во Скопје, кое се простирало меѓу реката Вардар од една страна и Покриената чаршија и Карадаг маало од другата страна. Во состав на ова маало спаѓало и Егид Пашино маало кое било поголемо. За Пајко маало постојат безброј легенди. Сите легенди се поврзани со минатото. Во периодот помеѓу двете светски војни во ова маало се наоѓале најубавите улици и куќи во кои живееле старите скопски фамилии и богатите граѓани на Скопје.

Камениот мост со Пајко маало, 30-ти години на 20 век, МГС вл. бр. 5422

На улицата Патријарх Варнава која пред Балканските војни се нарекувала Димче Хаџи Зафир сокаки, се наоѓала најстарата куќа во тој дел на градот, изградена пред стоидваесет години. Оваа куќа зафаќала површина од петстотини квадратни метри со двор покриен со плочи. Оваа и други куќи од постар тип  биле ориентирани кон  север. Ваквата ориентација на куќите не била поради ладните северните ветрови, туку поради јакото, речиси тропско сонце. Сочуваната куќа била сопственост на Ана Хаџи Зафировиќ, која ја добила како подарок од својот покоен татко Паша Петре. Постоеле и други стари куќи, како на пример, куќата на Поп Николиќ, Поп Теодосиќ и други. 

За  најстарата куќа во Пајко маало во весниците се пишувало: “...  на самиот почеток на улицата  на адвокатите се наоѓа една сочувана и мошне стара ограда од железни шипки во вид на копја и испреплетена жица со низок ѕид. Запоставена и сронета, поттурнатата настрана од животот како непотребна, таа, сепак, во себе ја чува топлината на некогашната улица на старото Пајко маало. Таа ограда била дел од оградата којашто се протегала долж целата улица што водела кон мошне познатите,  денес непостоечки згради на старата Соколана и на училиштето “Кирил и Методиј”. 

Соборната црква “Света Богородица” се наоѓала во Пајко маало и околу неа живееле многу угледни скопски фамилии. Меѓу овие фамилии се истакнувале Трпчановци, Рибареви, Попанкови, Китинчеви, Крангови, Јаневи, Кондовци, Стојанови (Ч'крови)  и др.

Куќата на семејството Китинчеви, помеѓу двете светски војни, МГС инв. бр. 4547

Фамилијата Стојанови во Скопје се доселила во првата половина на 19 век  и е една од постарите во градот.

Во село Сопот - Кумановско живеело семејството на Стојан Стојановски со сопругата Кипра. Причина за иселувањето на Стојан со фамилијата од селото се турските зулуми во почетокот на 19 век кога  тој го напушта своето родно место и се доселува во Скопје. Во Скопје се населуваат во Пајко маало.

Со оформување на свои семејства сите синовиизградиле свои домови во Скопје, а некои од нив се иселиле.  Синот на Димитрија, Пане, изградил куќа во Пајко маало со голем двор покрај Вардар. Куќата била направена од тврд материјал  на два ката со визба и тавански простории.

Претприемачот го направил планот на зградата, но не предвидел хигиенски чвор- односно дел за бања и клозет, ниту инсталација за вода и електрика.  Во тоа време во градот немало електрично осветлување  и водовод.

Куќите се осветлувале со фенери, ламби на петролеј, а со вода се снабдувале преку бунари.

Клозетите се правеле во дворот, што подалеку од куќата, со голема септичка јама.

По завршувањето на Првата светска војна, Скопје почнува да се електрифицира и да се воведува водовод. Во својот дом, Пане воведува електрично осветление и водовод по 1925 год. Петар и Атанас исто така  градат свој дом во месноста Идадија. Нивниот дом бил од тврд материјал, на два ката со пространа визба и тавански простории. Илија за своето семејство изградил  дом во Солун, бидејќи  таму живеел и работел. 

Продолжува на наредната страна..........